Договорот со Бугарија се разгледува на затворена седница

Членовите на собраниската Комисија за надворешна политика денеска во 10 часот, на затворена седница за јавноста, ќе го разгледуваат нацрт-договорот за добрососедство со  Бугарија. Се очекува пред собраниската комисија договорот да го презентира и брани премиерот Зоран Заев.

По премиерската средба на 20-ти јуни во Софија, Зоран Заев и Бојко Брисов најавија потпишување на Договорот за добрососедтсво на 2 август во Македонија, како и заедничка прослава на Илинден. Од тогаш до денес, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ги поставува истите прашања: што содржи Договорот, дали е симетричен или асиметричен и кога ќе биде презентиран пред македонската јавност? Ваквите прашања се интензивираа откако министрите за надворешни работи од двете земји, Никола Димитров и Екатерина Захариева, минатата недела го усогласија текстот за нацрт-договорот.

Засега не се откриваат деталите од постигнатиот договор, па ова денеска во Собранието ќе биде прво отворање на деталите од постигнатиот договор.