Договорот со Грција по брза постапка ќе се гласа во Собранието

Законот за ратификација на Договорот со Грција е испратен со европско знаменце во Собранието, што значи дека надлежна комисија на која ќе се  разгледува текстот на Договорот е Комисијата за европски прашања со која претседава Артан Груби. Исто така кога текстот на Законот е со европско знаменце се кратат роковите  и дискусиите се ограничени на три дена. По дебатата во собраниската комисија за европски прашања, за  Договорот се гласа и на  пленарна седница.

Властите се во трка со времето поради заседанието на Европскиот совет кое е закажано на крајот на јуни и до тогаш преостануваат само десет дена. Во овој период, Договорот треба да помине на собраниските комисии и на пленарната седница на Собранието. За да биде ратификуван во Собранието, за Договорот треба да гласаат 61 пратеник.

По гласањето во Собранието, грчката страна  ги известува ЕУ и НАТО дека повеќе не го блокира  интеграцискиот процес на Македонија и земјата може да добие датум за почеток на преговори и  покана за чланетсво во НАТО.

Во овој случај, битно е тоа да се случи пред почетокот на самитот на Европскиот совет на крајот на месецов, со оглед на очекувањата земјава да добие датум за почеток на преговорите со ЕУ.

Владата денеска го усвои Договорот со Грција и го достави до Собранието.

Владата го разгледа и усвои Предлог – законот за ратификација на Конечната спогодба за решавање на разликата како што е опишана во резолуциите на Советот за безбедност на Обединетите нации 817 (1993) и 845 (1993), престанување на Времената спогодба од 1995 година и воспоставување на стратешко партнерство помеѓу страните, на предлог на Министерството за надворешни работи.Предлог-законот за ратификација ќе биде доставен до Собранието со европско знаме, се вели во владиното соопштение.

Од Кабинетот на претседателот на Собранието Талат Џафери велат дека за тоа на која комисија ќе го препрати законот ќе одлучи кога ќе го види.