Дојава за бомба во тетовско училиште: Оставете пари или ќе експлодира

Повеќе наставници  од тетовското училиште „Браќа Мигени“ добиле електронска порака дека во дворот на училиштето е поставена бомба која ќе експлодира доколку не остават пари.

Според првичните информации од портпаролот на тетовската полиција Марјан Јосифоски, денеска околу 11.40 часот во полицијата се јавила вработена во основното училиште „Браќа Мигени“ која кажала дека неколку наставници добиле заканувачки електронски пораки.

Во пораката било наведено дека доколку не биде оставена одредена сума на пари крај дрвото од левата страна на училиштето ќе биде активирана експлозивна направа, потенцирајќи дека времето е ограничено.

Јосифоски појасни дека на терен веднаш излегле полицајци како и екипи за антитероризам од Дирекцијата за заштита и спасување.

Во моментов теренот околу училиштето  „Браќа Мигени“ кое сместено во центарот на Тетово е обезбеден  и се работи на откривање дали станува збор за лажна или вистинска дојава за бомба.

Портпаролот нагласи дека сите ученици безбедно и без паника ги напуштиле училниците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.