Дојавата за бомба во авионот на „Иџипт ер“ – лажна

Дојавата за бомба, поради која авион на египетската компанија „Иџипт ер“ денеска принудно слета во Узбекистан, се покажа како лажна.

Авионот на летот од Каиро до Пекинг принудно слета по добиената анонимно дојава дека во леталото има експлозив, јавија британските медиуми, пренесува МИА.

Сите 118 патници и 17 членови на екипажот беа евакуирани, по што беше извршена проверка на авионот, при што не е пронајдена никаква експлозивна направа.

– Не е пронајдена никаква бомба, наведе претставникот на „Иџипт ер“, додавајќи дека авионот наскоро би требало да го продолжи летот кон Кина.

Минатиот месец авион на „Иџипт ер“ на летот Париз-Каиро се урна во Средоземното Море, при што загинаа сите 66 патници и членови на екипажот. Причините за падот на авионот се уште не се познати.