„Дојче Веле“: Трите чуда на Никола Груевски

Името на премиерот Никола Груевски предничеше во предлозите од граѓаните за избор на личност на 2013 година, а некои дури предлагаат и да биде прогласен за светец: во што е тајната на неговата популарност?, се прашува „Дојче Веле“.

Не е двојник на Џорџ Клуни, не е говорник од калибарот на славните антички оратори, нема харизма каква што му припишуваа на неговиот претходник Љубчо Георгиевски, но веќе седма година е најпопуларен политичар и лидер со највисок рејтинг во Македонија. Во отворени радио и тв-емисии, покрај имиња на домашни спортисти, на естрадни ѕвезди и на лидерот на опозициската СДСМ Зоран Заев, неговото име предничеше во предлозите од граѓаните за избор на личност на 2013 година. Некои одат дотаму, што предлагаат Никола Груевски да биде прогласен – за светец! Ако се остави настрана ваквата патетика, за социолозите е силен професионален и општествен предизвик да го објаснат „феноменот Груевски”. Според досегашните настапи на премиерот, тој најверојатно се раководи од поговорката „Оptimus orator est qui minimis verbis plurimum dicit”: Најдобар оратор е оној што ќе каже најмногу со најмалку зборови. Затоа, најчесто укажува дека за состојбите „зборуваат делата” или „една фотографија – илјада зборови”. Секако, тоа не значи дека се откажува од долги „фиделовски” говори по одредени поводи – државни празници, партиски конгрес или значаен општествен настан. Која е тајната на успехот на некогашниот вљубеник во боксот, кој седма година по ред ја држи опозицијата, според едни во нокаут, според други – во нокдаун?

Бранислав Саркањац, универзитетски професор, кој во почетокот на првиот мандат на Груевски медиумите го посочуваа како негов советник, вели дека тајната е во напорната работа.

„Тој е невиден и неуморен работник. Фасцинира неговата енергија. Како што изгледа свежо наутро, така изгледа и навечер во доцните владини седници по полноќ. Мислам дека тешко ќе се најде некој што би можел да му парира на неговото темпо на работа. Второ, тој е исклучително непосреден во комуникацијата. Досега никој не се пожалил дека е арогантен или недопирлив. Со сите соговорници се однесува како да се дел од тимот и не се става ‘над нив’. Трето, има неверојатен увид во работата на сите ресори. До детали памети што најавиле членовите на неговиот кабинет и редовно се интересира за текот на активностите: ‘До каде се работите за кои зборувавме пред една недела’…или ‘како се одвива проектот што го најавивте на последната седница?’ Во средбите со граѓаните е многу непосреден и едноставен и тоа е причината што тие го чувствуваат како еден од нив”, вели Саркањац.

Момче од соседството

Лингвистите велат дека дел од успехот се должи и на јазикот што го употребува премиерот во секојдневниот говор: тој е многу едноставен, неоптоварен со странски зборови, а збогатен со народни изрази, што го прави разбирлив за широките народни маси. Ако на тоа се додаде и оценката на стилистите, дека освен во посебни пригоди кога носи костум, премиерот преферира јакни и спортски џемпери, тој добива стилски имиџ на „момче од соседството” кој го прави уште поблизок до граѓаните. Според комуникологот Петар Арсовски, политичката „личност” на политичарите во основа претставува апстрактен конструкт, но со тек на времето станува се’ позначаен фактор во изборот на лидери. Причина за тоа е што најголем дел од гласачите немаат време ни капацитет да се запознаат со секој детал од политичките платформи, па затоа личниот имиџ, допадливост и кредибилитет стануваат се’ посилен политички супститут за идеологија, платформа, политики.

„Луѓето најчесто во главата создаваат архетип за лидер, па потоа од оние кандидати кои се нудат, се поистоветуваат со оној кој во најголема мерка се совпаѓа со замислениот архетип. Политичката ‘личност’ на Груевски во оваа смисла претставува израз на психолошката состојба на политичкиот електорат во Македонија. Тој не е ни особено харизматичен, ни особено елоквентен, ни особено образуван, значи не е исклучителен по ниедна основа. Е токму тоа е она што му носи рејтинг: тој е изблик на комплексот на гласачите, поистоветување со нив, величење на медиокритетот, напад кон елитата, ист и близок со народот. Тој е резултат на реактивниот механизам на електоратот кон политиката воопшто, омразата кон елитните политичари, класна одмазда. Оттаму тој го црпи личниот рејтинг, затоа што кога масовните гласачи го гледаат Груевски, во огледало се препознаваат себеси и оттаму веруваат дека тој интуитивно, инстиктивно ги познава нив и нивните потреби”, објаснува Арсовски.

Продукт на лидерски партии

Дел од аналитичарите сметаат дека популарноста на лидерите генерално, се должи на фактот дека се’ повеќе функционираат лидерски партии. Според професорот по политичка социологија, Димитар Мирчев, т.н. лидерски партии се пројавуваат не толку на идеолошка, етничка или програмска основа, колку на основа на особините на „лидерот” и неговите особини.

„Дури не може да се зборува за ‘харизми’ или ‘јавни авторитети’, или за угледот и понудите до граѓанството, колку за тоа што го симболизира лидерот. Тој го ‘влече’ нагоре или надолу рејтингот и поддршката на мнозинството граѓани. Сите анкети кај нас покажуваат дека поддршката за лидерите ја определува и поддршката за партиите. Тоа важи и денес: анкетите покажуваат дека лидерите непосредно влијаат на ‘прифатливоста’ на партиите, а типични примери се Глигоров, Трајковски, Тупурковски, Георгиевски, пред се’ Црвенковски, па и некои ‘независни’. Мислам дека Груевски ги сфати тие вистини и настапи и редовно настапува од тој агол.

Веројатно го почувствува трендот: не пробугаризам или просрбизам или не-албанизам; не класичен пазарен либерализам, туку широка социјална политика, потоа модернизам, млади, спорт, иновации, здравство, инвестиции, мерки, проекти. Тука се покажа како ефикасен и ‘прифатлив’, како добар менаџер, како човек со понуда и јавен пристап. Може, се разбира и да оценуваме критично: рекламерство, антиквизација, ригиден став кон соседите, недоволна работа на надворешна поддршка на Македонија. Но, Груевски има и еден модерен стил на лидерство, на настапи и на работа кој не го забележував кај минатите ‘лидери’. Лично, ми пречи редовното појавување на ‘отворањето’ на локални настани, посебно со поповите од МПЦ. Не сум неверник ниту атеист. Чисто-лаик. Наспроти се’, нема други, алтернативни лидери”, вели Мирчев.

Демократијата „штетна”

Според политиколозите, второто име на лидерските партии е султан-партии, каде владее неприкосновена власт на лидерот, строга хиерархија, слепа послушност и страв од губење на милоста на лидерот. Затоа и нема полемики со лидерот, ниту јавни дебати за одредени теми-сите прашања и насоки на дејствување се усогласени во врвот на партијата. Засега никој од партиските ешалони не се обидел јавно да ја тестира партиската демократија на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Д-р Емилија Симоска, професорка на Институтот за социолошки и политичко-правни истражувања, вели дека причините за ваквите состојби можат да се лоцираат во две точки: контекстот и начинот на кои се политички употребени.

„Што се однесува до контекстот, сите истражувања изминативе 25 години покажуваат дека доминантната политичка култура кај нас е авторитарна по сите параметри. Кај мнозинството граѓани доминира потребата од ‘еден способен лидер’, а за не мал дел дури и ‘лидер со цврста рака’. ‘Послушноста’ се смета за добродетел, а живеењето по принципот ‘наведната глава сабја не ја сече’ – им е нормално и практично. За дел од граѓаните, кој никогаш не бил помал од една третина, демократијата ‘ги компликува работите’, а кога ја има премногу – е ‘штетна’. Евидентно, за мнозинството граѓани, во својата политичка и економска исцрпеност – слободата е повеќе товар отколку придобивка. Втората причина произлегува од вештото користење на овој контекст од експертите кои ја конципираа севкупната кампања на Груевски. На почетоците таа беше школски коректна и без грешка ги следеше елементите од учебниците за ‘принципите на популизмот’. И следствено на тоа, освен наведеното, потребен е и лик со кој таквите граѓани ќе може да се идентификуваат – некој кој ќе биде лидер, но ќе наликува на нив, а не на политички елити во кои по ниедна димензија не можат да се препознаат”, вели Симовска.

Трите чуда

Очигледно, Груевски успеа да се наметне како лидер во кој мнозинството граѓани наоѓаат самоидентификација. Комплексноста на тој феномен може да се објасни со едноставноста на неговото однесување: ги слуша, им одговара на „нивниот” јазик, ги посетува нивните места, носи слични обувки, гази во калта на нивните субвенционирани ниви, па дури и неговото француско „р” ги уверува дека и тој е несовршен, како што се тие. Нив не ги засегаат прашањата за процедурите и демократијата – за нив тоа се апстрактни поими и не се видливи како новите инвестиции или „Скопје 2014″.

Она што го гледаат е дека Груевски не го експонира семејството, дека неговата ќерка учи во државно, а не во приватно училиште како што преферираа неговите претходници и не живее во премиерска резиденција, туку во станбена зграда во центарот на градот. Тие што предлагаат да биде прогласен за светец, веруваат дека направил повеќе од три чуда: некој за првпат по 20 години се вработил, друг добил социјален стан, трет бесплатно заминал на бања, некој добил субвенција или стипендија… Очигледно, на микро-план Груевски си обезбеди политичка „беатификација”. На макро-план, ветеното внесување на земјата во ЕУ и во НАТО веќе е издигнато на ниво на чудо. Според премиерот, случувањето на тие две чуда не зависи само од него. Третото чудо би било кога би успеал да создаде услови случувањето на другите две чуда да зависи само од него.