Доказите на Заев- починати лица прислушувале со систем користен од СДСМ

Лидерот на СДСМ Зоран Заев со доставување на наводните докази во обвинителството го допре дното и целосно се изгуби. Соочен со цврстите докази и се поизвесното обелоденување на вистината, Заев се одлучи преку јавноста да лаже и да ги манипулира граѓаните, меѓународните претставници и институциите, пишува Курир.

Наводните докази кои Заев ги нарече документи во сопственост на Република Македонија, не се ништо друго освен фалсификат и негов неуспешен обид да го сврти вниманието од шпионажата и насилството врз претставници на државните органи за што е обвинет во случајот „Пуч“ со уште неколку лица.

Извори од истрагата велат дека во наводните докази за „Пуч“ за тоа кој прислушувал, Заев инволвира лица кои се починати, лица кои се иселиле од земјава и лица заминати во пензија од поодамна. Без никаков срам лидерот на СДСМ починатите лица ги посочува како наводни оператори кои прислушувале со што сака истите да ги предложи како сведоци во случајот.

Дека Заев сè повеќе самиот се заплеткува во сопствените лаги со кои сака да ја манипулира јавноста, говори следниот податок. Изворите од истрагата откриваат дека Петта управа, односно Одделот за оперативно техничка поддршка на операции, веќе речиси 10 години не користи Ексел табели во своето работење, што пак укажува дека доставените и објавени табели од страна на Заев се фалсификат кој не е поврзан со незаконски стекнатите прислушувани материјали кои ги објавува тој. Таквите табели, според изворите, се користени додека во функција бил стариот систем за следење на комуникации, употребуван во време кога СДСМ беше на власт.

По смена на системот на работа, која била извршена кон крајот на 2007-та, воопшто немало потреба од користење на Ексел табели.

Дополнително, во истите Ексел табели, кои ги достави Заев, според извори од истрагата, постои уште една графа во која се наведени лица кои наводно се операторите кои биле задолжени за следење на одредена комуникација.

По направените проверки, според изворите од истрагата, е утврдено дека двајца од посочените оператори кои наводно ги снимале разговорите се починати, едното лице во 2008-мата, а второто во 2013-та година, но истото уште од 2008-мата не работело во Петта управа, туку било прераспоредено во друга организациска единица. Во листата оператори на Заев се наоѓа и лице кое од 2007-мата година е иселено од земјава во странство. Во Ексел табелите на Заев наведени биле и имиња на четворица началници во МВР, кои воопштво не работеле на оваа проблематика, како и три лица кои подолго време се пензионирани. Како дел од операторите наведени од првиот човек на СДСМ, стои и име на лице кое со отказ си заминало од Министерството за внатрешни работи во 2008-мата година, а има и две лица кои подолго време наназад не доаѓаат на работното место, користејќи боледување поради тешка болест.

Освен имињата на овие лица, во табелите се наведува и извесен Ерик, а според извори од истрагата, вакво лице никогаш не работело во УБК. Дополнително се наоѓаат други кодирани имиња на наводни оператори како Мобимак, OP-1, OP-2, OP-X, USER166, USER167, SIGS_1, SIGS_2, SIGS_3. Заев пред надлежните ќе треба да даде одговор кој стои зад овие кодни имиња, дали можеби и меѓу нив се наоѓа некој починат кој тој го повикува како сведок во случајот „Пуч“.

Извори од истрагата дополнително велат дека од првичната проверка на Ексел табелите и наводните следени комуникации, повеќе од очигледно е дека станува збор за манипулација. Најверојатно комуникациите и броевите се следени во времето на СДСМ, а голем дел од броевите веќе од поодамна не постојат.

Познавачите од областа на следењето на комуникациите сметаат дека се работи за материјали на незаконско прислушување од времето на СДСМ кога прв човек на УБК бил Зоран Верушевски, како и документи кои се фалсификувани.

По ваквите сознанија се отвора простор за сомнеж дали Заев со вакви фалсификувани материјали, сака да се амнестира од случајот навлекувајќи ја целата партија со себе и да покаже дека тој не е единствениот што со незаконски стекнати материјали сака да се стекне со одредени позиции.