Доколку Британија ја напушти ЕУ, Гибралтар сепак ќе остане во Унијата

Главниот министер на Гибралтар, Фабијан Пикардо предупреди дека доколку Велика Британија на најавениот референдум се определи за напуштање на ЕУ, Гибралтарците нема да ја прифатат таквата одлука и ќе побараат да останат во Унијата, објави МИА.

Во разговор за лондонски „Фајненшл Тајмс“ Пикардо најави дека во случај на таква разврска на британско-европските односи, Гибралтар ќе побара посебни преговори за членство во ЕУ.

Тој смета дека на Гибралтар ќе треба да му се даде „различен степен“ на членство.

Повеќе од три века Гибралтар е британска прекуморска територија на крајниот југ на Пиринејскиот Полуостров. Територијата има своја Влада и силно развиени врски со ЕУ, кои за неа имаат исклучително значење. Секој ден преку гибралтарско-шпанската граница минуваат на работа во Гибралтар преку 30 илјади работници од Шпанија.

– Единствената реална закана за нас е излегувањето од ЕУ против нашата волја и неможноста за пристап кон единствениот пазар, вели Пикардо.

Предупредувањето од Гибралтар доаѓа по барањата од Шкотската национална партија (СНП) и велшката Плаид Кимру за организирање паралелни референдуми за британскиот излез од ЕУ и определување дека таквата одлука Лондон ќе може да ја донесе само доколку за тоа се определат сите четири делови на Обединетото Кралство.

Под притисок на евроскептичните пратеници во Конзервативната партија, нејзиниот лидер Дејвид Камерон уште пред петнаесетина месеци изјави дека ќе има референдум за напуштање или останување на Велика Британија во ЕУ. Референдумот би се одржал до крајот на 2017 година, по новите британско-европски прегвори, но само доколку конзервативците победат на изборите од 7 мај и сами формираат влада.

Освен антиевропската Партија за независност на Обединетото Кралство (УКИП) сите други британски партии се противат на референдумот и на напуштањето на Унијата.