Доколку се прашуваат навивачите – Агуеро е фудбалер на годината во Премиер лигата

Федерацијата на спортски навивачи, во изборот за најдобар фудбалер во Премиер лигата за изминатава година, речиси едногласно го избра напаѓачот на Манчестер Сити, Серхио Агуеро.

Аугеро беше еден од шестемина номинирани, а освен него тука беа неговиот клупски пријател Јаја Туре, Рахим Стерлинг од Ливерпул, Морган Шнајдерлин од Саутемптон, како и Еден Азар и Бранислав Ивановиќ од Челси.

„Навистина сум пресреќен. Ова е специјален момент за мене затоа што доаѓа од навивачите. Благодарност за нив, но и за моите соиграчи без кои не може да се биде добар. Исто така среќен сум што сум и еден од кандидатите за место во идеалниот тим на годината на ФИФА“ – истакна Агуеро синоќа во Лондон.

Минатата година добитник на ова ласкаво признание беше веќе поранешниот напаѓач на Ливерпул, Уругваецот Луис Суарез.