Доктор спаси живот и по својата смрт

„Ако паднам во кома да ги подарите моите органи на болни на кои им требаат“. Ова било последната желба на 53-годишниот лекар пред да почине, кому семејството му ја исполнило желбата, со што се создале услови на Клиниката за урологија да се изведе кадавер-трансплантација или пресадување на органи од починато лице, пишува Утрински весник, пренесува Нетпрес.

Постапката за дарување на бубрезите од кадаверот се случила пред околу една недела, кога лекарот по компликациите од мозочна болест, завршил на Клиниката за анестезија и интензивна нега. Откако на неговите блиски, односно на сопругата, и’ било соопштено дека на болниот му нема спас, според клинички извори, таа поведувајќи се од желбата на сопругот, многу не размислувала дали треба или не да се дадат органите по неговата смрт.

Националниот координатор за трансплантација д-р Аспазија Софијанова, потврди дека за новата кадавер-трансплантација немала тешкотии во убедувањето и преговарањето со семејството за донирање на бубрезите. „Првпат се соочивме со едно семејство кое давањето согласност за донирање на органите ја правеше со длабока свесност и позитивна енергија“, изјави д-р Софијанова, не откривајќи повеќе детали околу донорот на бубрезите.

Несреќата за едното семејството донесе среќа на други две семејства. Бубрезите се подарени на двајца кои биле на дијализа. По една недела од пресадување на органите, пациентите со пресадените бубрези се во стабилна здравствена состојба, рече директорот на Клиниката за урологија д-р Михали Пенев, без да да се каже нешто повеќе за нив. Овој пат и изборот на луѓето на кои ќе им се подарат органите одело полесно, бидејќи двајцата пациенти кои ги добиле бубрезите биле избрани од листата на приматели со веќе одредена компатибилност на ткивата.

Министерот за здравство Никола Тодоров најави парични награди за тимовите кои пресадуваат бубрези. „Владата донесе одлука сите членови на тимовите кои вршат трансплантација да им се исплаќа паричен надомест во висина од две празнични дежурства“, истакна министерот кој додаде дека за оваа намена се предвидени околу пет милиони денари, пари кои ќе се обезбедат преку програмата за трансплантација на Министерството за здравство. Ова, како што објасни Тодоров, значи дека за секоја изведена трансплантација лекарот ќе добива парична награда од 12.000 денари, додека медицинската сестра 6.000 денари, а паричен надомест ќе има и за сите други членови во тимот, па се’ до болничарите.

Паричните награди ќе важат за наредните трансплантации, кои се очекува да бидат околу 10 од починато лице до крајот на годинава и 25 од жив донор.

„Бројот на трансплантации расте од година во година, ако се знае дека во 2011 година имало само девет, во 2012 – 23, во 2013 -35, а за годинава се планирани 40 трансплантации. Од нив државата има двоен бенефит. Им се подобрува квалитетот на живот на пациентите кои се на дијализа, а финансиски бенефит има и државата, бидејќи една трансплантација чини, односно е поевтина од трошоците за дијализа за една година“, истакна Тодоров.

За да се развива трансплантацијата и да се проширува на другите органи, како на црн дроб, државата испраќа тројца хирурзи на супспецијализација на Универзитетот во Кембриџ. На претходниот конкурс имало пријавено неколку лекари, но никој не ја минал селекцијата. „Селекцијата и критериумите за Кембриџ не ги прави Министерството за здравство. Се бараат искусни хирурзи. Ги повикувам лекарите повторно да се пријават“, додаде министерот, a како дополнителен стимул најави дека државата за престој ќе плаќа по 1.500 евра.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.