Докторите од скопските поликлиники со најмногу прегледани пациенти во месец јули

Во националниот систем за електронски евиденции во здравството „МојТермин“ во рамки на деталните медицински податоци се евидентира и времето на прием на пациентот, односно покрај времето кога е закажан терминот, се следи и времето кога пациентот влегол на преглед, кога започнал прегледот и кога е напишан извештајот од прегледот.

Во Здравствениот дом Скопје-Поликлиника Идадија биле прегледани 460 пациенти со закажан термин, така што 45 отсто од нив биле примени на преглед во просек од 15 мин пред закажаниот термин, додека 52 отсто биле примени со просечно закаснување од 10 мин после закажаниот термин. Во поликлиника Идадија во месец јули не дошле на преглед 64 пациенти.

Сличен е примерот и со ЗД Скопје – Поликлиника Бит Пазар.Во оваа здравствена установа во месец јули биле закажани 4,740 пациенти, од нив се прегледани 3,970 а останатите 770 не дошле на преглед.Најголем број на прегледи во оваа поликлиника има направено докторката Маре Ванчевска специјалист по офталмологија. Исто така најголем дел од пациентите кои закажале, а не дошле на преглед се закажани кон офталмологија и интерна медицина.

Од универзитетските клиники, на Клиниката за Ревматологија каде во месец јули биле закажани 1,145 пациенти, од кои 93 отсто биле примени на преглед пред закажаниот термин или со просечно закаснување од 12 мин после него.

Здравствени установи во кои се извршиле најмногу прегледи за месец јули се: ЈЗУ Клиничка болница „Д-Р Трифун Пановски“ – Битола 19,823 пациенти, ЈЗУ Клиничка болница – Тетово 16,932 пациенти, ЈЗУ Општа Болница – Прилеп 13,579 пациенти, Градска општа болница 8-ми Септември 13,129 пациенти, ЈЗУ Општа Болница – Куманово 11,897 пациенти

Во истите овие болници најголема е и бројката на пациенти кои не дошле на закажаниот термин,просекот на пациенти кои не дошле на преглед во овие установи изнесува 23 отсто или вкупно 7,770 пациенти за месец јули.

Во однос на недоаѓањето на закажан термин и негово неоткажување, постојат неколку пациенти на кои повеќе пати им бил креиран термин, а не дошле на прегледот. Пациентка на 74 годишна возраст од Струмица, не дошла на 27 закажани термини. Пациент на 54 годишна возраст од Јегуновце, не дошол на 27 закажани термини, последниот термин на кој не се појавил бил резервиран на 07/август/2014 година. Пациент на 52 годишна возраст од Радуша од Општина Сарај не дошол на вкупно 25 закажани термини.Вкупниот број на упати за кои пациентите не дошле на преглед во месец јули изнесува 29,000.

„На овој начин се наштетува на концептот на функционирање на националниот систем за електронски евиденциии и непотребно се креира нереална листа на чекање, затоа суштински е важно да се почитува времето на другиот, односно пациентот да го почитува времето на докторот и на другите пациенти, но и докторите да го почитуваат времето на пациентите. Доколку не сте во можност да присуствувате на прегледот, Ве замолувам истиот да го откажете.
Уште еднаш потсетуваме дека термините може да ги откажете на телефонскиот број 15 444 или со праќање на порака кон 144 194 со содржина број на упат,“ велат од Министерството за здравство.