Македонска докторка доби престижно признание од Франција

Македонска докторка доби престижно признание од Франција. Одликувањето синоќа и го врачи француската амбасадорка Лоренс Оер.

Република Франција ја одликува професор д-р Анастасика Попоска, специјалист ортопед и професор на Медицинскиот факултет во Скопје, со Офицер од редот на Академските палми.

Ова одликување се доделува од Владата на Република Франција на еминентни личности како признание за постигнати резултати во областа на универзитетското образование. Одликувањето за прв пат е воспоставено во 1808 година од страна на Наполеон први.

Сакаме да Ви искажеме огромно признание за целиот придонес што сте го дале во академското истражување како професор и како истражувач, рече амбасадорката Оер.

По докторирањето и стекнувањето диплома на Универзитетот „Рене Декарт Париз V“ во Париз, како што кажа Оер, професорката Попоска успеала да го пренесе целокупното знаење кое го стекнала од областа на ултрасонографската дијагностика на Медицинскиот факултет во Скопје, но и целокупното искуство стекнато за време на истражувањата.

Вашата специјализација сте ја посветиле на неонаталната дијагностика со ултрасонографска техника, нешто што своевремено не било практикувано овде, а станува збор за метода која не е инвазивна, но којашто била еден вид на новина во иднината, истакна амбасадорката.

Оер посочи дека профeсор д-р Попоска не престанува со својата работа, а доказ за тоа се нејзините бројни извештаи и публикации од областа на детската ортопедија.

Професор д-р Попоска се заблагодари за големото признание што и го додели Владата на Франција, но исто така и на семејството за поддршката што ја добива сиве овие години.

Научниците и уметниците, како што кажа, по вокација не припаѓаат на некоја нација туку му припаѓаат на светот.

Мислата и мисијата на лекарите во минатото беше да се реинкарнираат кај младите наследници. Да се потпираме на младите значи да ја подготвиме иднината. Нема друга поодговорна и поделикатна професија од мисијата на лекарите, професија која што почива на науката, но исто така и на компетенциите, но и на етиката, истакна професорката Попоска.

Моите родители, рече таа, ме научија да ја ценам тешката работа, а нивната етика ми служеше како пример.

Ние сме мали, но не им се даваме на големите, рече на крајот од својот говор професорката Попоска.

Проф. д-р Попоска е заменик-директор на Клиниката за ортопедија и раководител на одделот за дестка ортопедија. Првото одликување Витез од Република Франција проф. го добила во 1999 година.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.