Докторот Балотели и пациентот Англија

Најинтересниот саботен натпревар на Мундијалот во Бразил, дерби пресметката во групата “Д”, помеѓу репрезентациите на Италија и Англија, сосема заслужено заврши со минимален триумф на “азурите” од 2:1.

Италија заслужено дојде во водство со погодокот на Клаудио Маркизио, но веднаш, во следната акција, Даниел Стариџ го постигна израмнувачкиот погодок.

На стартот од второто полувреме во листата на стрелци се запиша контроверзниот напаѓач на Милан, Марио Балотели и на тој начин го исполни даденото ветување дека Италија сигурно ќе ја победи Англија.

„Ова е ново искуство за мене. Прв пат сум дел од еден фудбалски мундијал и можам да кажам дека станува збор за нешто фантатсично. Победничкиот погодок и го посветувам на мојата идна сопруга кој е со мене во Бразил и на моите пријатели кои се во Италија. Многу лоши услови за игра, многу е топло во Манаус. Не ни беше лесно, но Ииталија секогаш има трнлив пат, секогаш има стресни ситуации. Англија има многу силен тим, но ние ги освоивме сите три бода. Италија не се плаши од ниту една репрезентација, напротив, има такви кои се плашат од Италија”, изјави стрелецот на победничкиот погодок, Марио Балотели.