Документарниот филм „Битола – градот на кафето” промовиран на Битфест

Во Битола кафе пиеле дури и турските султани, открива документарниот филм “Битола – градот на кафето” кој синоќа, премиерно беше прикажан во Центарот за култура во Битола, како дел од битолското културно лето “Битфест”. Филмот става акцент на надалеку познатата традиција поврзана со кафето во Битола.

Вклучувајќи ги историските податоци поврзани со културата на конзумирање кафе, но и аспектите на модерното живеење, филмот пренесува како кафето од Етиопија дошло на овие простори, како станало толку популарен пијалак и кои се познати личности пиеле кафе во Битола.

„Пиењето кафе на Широк сокак, во еден исклучителен и автентичен амбиент зачинет со убавината на старата архитектура, е посебен ритуал по кој Битола ја препознаваат насекаде во светот. Приказната за културата на пиење кафе во Битола е интригантна. Филмот открива дека во Битола кафе пиеле повеќе турски султани. Последниот бил Мехмед Решад V кој тука дошол на 11 јуни 1911 година. Всушност кафето во Битола стигнало како еден од важните продукти со кои се тргувало низ Османлиската империја. Кафето го пиеле конзулите во минатиот век, а и сега без него не се замислува пулсирањето на Битола. Така, кафето станало и останало заштитен знак на Битола до ден денес”, вели авторката на филмот Анета Шијакова.

Филмот „Битола градот на кафето” ја пренесува и приказната за славната „Дембел чаршија” кога агите седеле покрај реката Драгор и уживале во своето кафе додека склучувале трговски и други договори. Денес таа традиција битолчани ја продолжуваат на Широк сокак.

Филмскиот наратив се осврнува и на мрачната историја на кафето, кога овој магичен пијалак бил повод за собирање на слободоумните во турско време. Тоа го предизвикало гневот на султаните така што и кафето станало предмет на забрани, а оние кои не ги почитувале забраните плаќале со своите животи.