ДОМ се распадна, членството преминува во ВМРО-ДПМНЕ

Над 90 отсто од членството на ДОМ на ниво на цела Македонија не се согласува со одлуката на Лилјана Поповска да ја напушти коалицијата за подобра Македонија, пишува Курир.

Токму затоа, огромен број на членови на ДОМ деновиве масовно преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ.

Општински организации од речиси сите градови во земјава јавно го искажаа несогласувањето со одлуката ДОМ да ја напушти коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи политиката на владејачката партија е онаа која тие ја поддржуваат.

Тие велат дека ВМРО-ДПМНЕ е партија која покажа дека за врвен приоритет ја има подобрата иднина на Македонија.

Наспроти ова, велат членовите на ДОМ кои преминаа во ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Поповска им излезе во пресрет на структурите кои не и мислат добро на Македонија и на нејзиниот народ.

– Токму ВМРО-ДПМНЕ како партија носител на Коалицијата за подобра Македонија покажа капацитет да работи на реализација на изборната програма, која доби огромна поддршка на последните избори, а резултатите од тоа сите ги гледаме. Нови автопати, нови фабрики, нови работни места, нови болници и училишта, поголеми плати, пензии и социјална помош за граѓаните. Сметаме дека оваа одлука на ДОМ е донесена лично од страната на претседателката Поповска и помала група околу неа без притоа да се консултира со базата. Овој потег на Поповска го сметаме за несериозен, кој не и доликува на одговорна политичка партија и сметаме дека со вакви потези не се придонесува кон стабилноста на државата и интересите на Република Македонија, истакна Радивој Маџовски.

Тие ги повикуваат сите други граѓани кои не се согласуваат со ваквите политики на опозицијата да се приклучат кон збивање на редовите и да ја сочуваат иднината на Македонија.

– За жал Поповска и централното раководство на партијата покажа крајна неодговорност и на тој начин им излезе во пресрет на структурите кои не и мислат добро на државата и на народот, кој на крајно нелегален начин со креирани материјали и насилства на улиците се обидува да се дограби до власт без поддршка на граѓаните и без избори, истакна Маџовски.

Меѓу членовите кои преминуваат во ВМРО-ДПМНЕ е и генералниот секретар на ДОМ, Стево Темелковски, заменик министер за животна средина.