Нов дом за стари лица во Берово

Спасов ги посети пензионерите кои се на бесплатен туристички викенд

Нов дом за стари лица денеска беше отворен во Берово. Новиот дом за стари лица во Берово нуди квалитетни и модерни услови  за згрижување. Приоритет за сместување во домот ќе имаат лицата со пониски  примања и кои се во потешка здравствена состојба.

Потребата од институции кои ќе овозможат 24-часовна грижа за старите лица не мотивираше да започнеме активности за отворање на ваква специјализирана институција овде, во општина Берово. Се работи за прв старски дом кој е општинска јавна установа, кој се отвора  во општина Берово, изјави министерот за труд и социјална политика Диме Спасов кој присуствуваше на отворањето на домот, пренесе МИА.

Нов дом за стари лица во Берово
Нов дом за стари лица во Берово

Спасов го пофали ангажманот на беровскиот градоначалник Драги Наџински за тоа што, како што рече, еден стар и руиниран објект се преобрази во модерна  институција.

Би сакал да му честитам за посветеноста за наоѓање доволно средства  преку донатори за да се реновира целосно овој објект, додека пак Министерството за труд и социјална политика  целосно го опреми објектот  со соодветна опрема  за 24-часовно згрижување на старите лица. Се работи за инвестиција од околу 140 илјади евра  во прва фаза и понатаму се продолжува со изградба на втор објект кој ќе овозможи двојно зголемување на капацитетот за згрижување на стари лица, додаде Спасов.

Продолжуваат активностите за зголемување  на капацитетот на домовите за стари лица

Министерот истакна дека Министерството ќе продолжи со активностите за зголемување  на капацитетот на домовите за стари лица во целата држава  и за отворање нови, а воедно и за подобар квалитетот на услугите  што ги даваат домовите со цел да се  зголеми стандардот на животот на највозрасните граѓани во земјава.

Тој соопшти дека во изминатите неколку месеци се продадени четири локации за изградба на старечки  домови. Една од нив е локацијата во Пехчево каде што купувачот на објектот, кој порано беше амбуланта, има обврска во период од две години да отвори дом за стари.

Покрај оваа, продадени се и локации за изградба на старски домови во Охрид, во општина Илинден и во Аеродром, а набрзо ќе излезе јавен повик и за продажба на локација во општина Петровец, во Катланово, исто така и во Богданци.

Спасов во оваа пригода потсети и на другите проекти за оваа категорија граѓани кои ги спроведува МТСП, како бесплатната бањско-климатска рекреација, бесплатен туристички викенд, зголемувањето на пензиите.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.