Домашен пораз на Наполи во дербито со Рома, Јуве се доближи на бод

Фудбалерите на Рома остварија во саботата вечерта многу важна победа од 4:2 на гостувањето кај водечката екипа во Серија Ам, Наполи во традиционалното јужно „сончево дерби“, и привремено се пробија на третото место на табелата, а од овој исход најмногу профитираше актуелниот првак Јувентус кој на дерби дуелот во Рим против Лацио славеше со гол постигнат во последните моменти од мечот и се приближи на само бод зад наполитанците но со меч помалку.

Дуелот во Неапол започна идеално за домашната екипа, којашто настапи без својот најдобар играч и голгетер Марек Хамшик, кога поведе уште во 6 минута со голот на Исниње. Но веќе во следниот напад турскиот интернационалец Ченгиз Ундер со одличен лоб го заврши контранападот на римската „волчица“, а ова беше негов шести гол во исто толку натпревари. Продолжението од дуелот донесе постојани напади на Наполи, кои главно завршуваа со удари покрај голот или одбрани на гостинскиот голман Алисон, додека римјаните беа извонредно прецизни во комбинирањата во противнападите.

Извонредно расположен беше босанскиот репрезентативец Един Џеко кој во 23 минута со удар со глава направи целосен резултатски пресврт и водство од 2:1 за Рома. Во 73 минута истиот играч од работ на казнениот простор со прецизен удар зголеми на 3:1, а во 79 минута Пероти ги урна сите надежи на домашните навивачи за можен пресврт во полза на нивните миленици. Белгискиот репрезентативец Дрис Мартенс во судиското продолжение само успеа да го ублажи поразот на Наполи.

Исходот од дуелот во Неапол оди во полза на торинската „стара дама“, којашто со погодокот на Паоло Дибала на истекот од третата последна минута од судиското продолжение на римски „Олимпико“ го совлада Лацио. Мечот до тој момент мина во помалку здодевна игра, бидејќи и двете екипи беа ориентирани првенствено да не примат гол и единствената добра шанса ја имаше Јувентус кога во 9 минута Марио Манџукиќ со глава биеше над голот.

Така Јувентус дојде до 68 бодови и на само бод заостанување зад Наполи, но има и заостанат натпревар со Аталанта од минатиот викенд кој беше одложен поради обилните снежи врнежи во Торино. Рома со 53 бода се проби на третото место, има бод повеќе од Лацио и два од Интер кој во недела ќе се обиде да дојде до победа во дуелот со Милан, со кој се заокружува ова коло на дерби пресметки во Серија А викендов.

Во првиот меч од 27-то коло фудбалерите на СПАЛ пред своите навивачи во Ферара ја победија Болоња со минимални 1:0, со голот на Алберто Граси во 48 минута и со тоа привремено излегоа од зоната на испаѓање. СПАЛ сега има 23 бода на 17-то место, два повеќе од Кротоне кое е на место подолу но има меч помалку. Болоња, пак, е 12-та со 33 бодови.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.