Домашни и странски фирми ќе градат приватни детски градинки и старечки домови

Поволни кредити од Македонската банка за поддршка и развој, помош од Агенцијата за вработување, се само дел од поволните услови кои на денешната прес-конференција ги изнесе владиониот портпарол Александар Ѓорѓиев, а се однесуваат за изградба и стопанисување на приватни домови за стари лица, како и детски градинки.

Ѓорѓиев додаде дека почетната цена за откуп на државното земјиште на кои ќе се градат објектите ќе биде едно евро за еден квадратен метар, а во соработка со општините договорено е комуналиите за изградба да бидат намалени за 95 отсто.

„Со општините договорено е да се пронајдат потребните локации за изградба на овие објекти. За старечките домови најдени се 35 локации за изградба на нови и 55 објекти кои можат да се преадаптираат и да се претворат во приватни домови за стари лица. За приватните градинки доделени се 23 локации, а за преадаптација се предвидени 14 објекти“, рече Ѓорѓиев.

За изградба на приватни старечки домови се заинтересирани 55 домашни и странски фирми, а додека пак, за градинките 28 фирми.

Тој најави дека огласот за продажба на земјиште за изградба на приватен старечки дом во општина Илинден трае до 18-ти август, а наскоро ќе бидат распишани и огласи за една зграда во Пехчево, Неготино, Богданци. Во општината Аеродром постапката за продажба на државно земјиште за изградба на приватен старечки дом е веќе завршена.

За изградба на приватните детски градинки, наскоро треба да се распишат огласи во општините Гостивар, Аеродром, Центар Жупа, како и Битола.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.