Домашни компании на индустрискиот саем во Хановер

Асоцијацијата на метална и електро индустрија МАМЕИ учествува на најголемиот индустриски саем во Европа, Хановер Мессе 2015, што се одржува од 13 до 17 април годинава.

На промотивниот штанд на Швајцарската програма за промоција на извозот, МАМЕИ заедно со неколку домашни компании ги претставува капацитетите и производите на своите членки, но и капацитетите на индустријата во Македонија генерално, пренесува МИА.

– Во ова динамично време и брзи промени во индустријата, потребно е македонските компании да бидат присутни на сите големи индустриски настани во Европа. Конкуренцијата постојано се зголемува, се повеќе компании од Азија се обидуваат да влезат на европскиот пазар, но ние сме тука да покажеме дека компаниите од Македонија се сериозни партнери во металната и електро индустријата во Европа, изјави извршниот директор на МАМЕИ Гоце Пешев.

Саемот во Хановер има преку 5.000 излагачи од 100 земји во светот и преку 180.000 посетители за вкупно пет дена, колку што трае. Манифестацијата е шанса огромен број компании од целиот свет да ги видат производите и услугите на македонските фирми и да се почнат бизнис контакти со нови, како и да се зајакнат контактите со веќе постоечките бизнис партнери.