Домашна боза, вкусна и освежителна!

За време на постите, за освежување или во комбинација со кафенце, послужете вкусна и домашна боза.

Бозата е освежителен практично безалкохолен  пијалок кој се добива со ферментација на брашно пченица или просо, шеќер и квасец. Овој пијалок може да се најде во повеќето македонски слаткарници, и постана традиционален македонски пијалок. Луѓето кои го прават овој пијалок ги нарекува бозаџии. Рецептот за овој пијалок е стар стотици година а кај нас е пренесен со поробувањето од страна на Отоманската Империја.

Покрај Македонија, овој е  традиционален и во другите балкански земји во состав на Отоманската империја како Србија, Бугарија, Црна Гора, Босна и Херцеговина а посебно во Албанија и Турција. Македонската боза се разликува од останатите по тоа што е посветла и има поблаг вкус.

Ако сакате да пробате вкусна боза, направете си ја дома.

Во голем лонец ставете 1 кг пченкарно брашно со 10 литри  млака вода.

Оставете го лонецот да преноќи.

Следниот ден ставете го на тивок оган да се готви околу 2 часа. За време на готвењето потребно е почесто да се меша смесата со дрвена лажица.

Настрана во еден филџан издробите 50 г.квасец во млака вода и оставете го да стаса. Кога квасецот ќе се удвои додајте го и него во лонецот па убаво промешајте.

Смесата процедете ја низ газа и по желба засладете. Кога бозата ќе излади, преточете ја во чисти шишиња кои ќе ги чувате на ладно.

Ако оваа количина ви е голема, тогаш состојките сразмерно намалете ги зошто бозата треба да се испие во следните неколку дена.