Домашните компании бележат раст со владините мерки

Вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски денеска беше на терен во општина Гази Баба.

Тој на средба со стопанствениците кои работат на територијата на оваа скопска општина имаше разговари за економските политики на Владата и мерките што ги презема и се насочени кон домашните компании, а ќе ги слушне и предлозите што ги имаат компаниите за подобрување на бизнис климата.

Една од компаниите која ја посети Пешевски е „Ариље Метал“ која е корисник на владините мерки, кои, според сопственикот Богослав Ангелески, даваат резултати, а ќе ги користат и во иднина доколку продолжат.

Ариље Метал е компанија која е корисник на повеќе владини мерки. Корисник е на владините мерки за проширување на производните капацитети, бенефициите за намалена цена на комуналиите за 95 проценти. Корисник е на евтин кредит од кредитната линија од Европската инвестициска банка со камата од 5,5 проценти преку која во земјава се пласирани вкупно 350 милиони евра и се отворени нови 7.000 работни места, од кои дел се во оваа компанија. Компанијата во два наврати ја користеше и можноста за посета од странски експерт, исто така, овозможено преку Владата, изјави Пешевски при посета на компанијата.

Тој додаде дека кога менаџментот има визија има проекти од Владата кои се со цел да помогне во нивниот развој.

Додаде дека на денешната средба од компанијата се истакнати и одредени предлози од кои оние што можат од Владата ќе бидат брзо реализирани, а дел ќе бидат разгледани во новата програма на ВМРО-ДПМНЕ.

И на средбата со стопанствениците што работат на територијата на оваа општина ќе бидат разгледани економските политики и предлози што ќе бидат во насока на развој на претпријатијата.

Инвестициски кредити кои ќе ги направат македонските компании конкурентни на европските пазари е еден од предлозите и барањата што стопанствениците од Гази Баба го упатија до вицепремиерот Пешевски.

Евтиниот кредит од ЕИБ го искористивме за изградба на капацитети и за нова опрема, рече Ангеловски и додаде дека за проширување на капацитетите и излез надвор од македонскиот пазар се потребни кредити со подолг рок од 25 до 30 години и со пониски трошоци, односно со пониски каматни стапки од банките. Посочи дека од банките бараат поголемо внимание и доверба и намалување на каматните стапки, како што беше случајот со користењето на средствата од кредитната линија овозможена од Владата од ЕИБ со 5,5 проценти со цел да влеземе на европските пазари со ниски трошоци, рече Ангелоски.

Градоначалникот на општина Гази Баба, Тони Трајковски, кој исто така беше во посета на компанијата, посочи дека „Ариљеметал“ е една од компаниите која е дел од формираниот Бизнис клуб во Општината, а кој има задача Општината и стопанствениците заедно да делуваат на подобрување на бизнис условите. Најави дека наскоро ќе почнат формирање на две нови индустриски зони во кои ќе можат компаниите да си ги прошират своите капацитети или да се отворат нови компании.