Донација на Македонски Телеком на Институтот по белодробни заболувања – Козл

Mакедонски Телеком донираше медицинска опрема на Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле, неопходна за побрза и поефективна дијагноза, како и третман на децата кои страдаат од заболување на белодробните органи. Донацијата се состои од 2 полисомниграфи и еден апарат за неинвазивна вентилација. Со набавката на полисомниграфите, Институтот ќе врши скрининг на опструктивна ноќна апнеа, следење и дијагностичка проценка на кардио-респираторните нарушувања кај децата. Дополнително, набавката на апаратот за неинвазивна вентилација, помага дишните патишта на пациентите да бидат отворени, преку обезбедување на континуиран проток на воздух.

„Во времето во коешто живееме, не смееме да заборавиме дека здравјето не е привилегија, тоа е основно човеково право. Оттука, врвен приоритет на секое општество е здравјето на децата, кои се столбот, односно иднината на нашата заедница. Затоа, токму здравјето и благосостојбата на децата се постојано во нашиот фокус, кога станува збор за општествената одговорност на Македонски Телеком. После само неколку месеци од нашата последна донација за дечињата од Клиниката за детски болести, денеска на наше огромно задоволство донираме опрема на Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле. Се надеваме дека со оваа донација не само што им го олеснуваме работењето на лекарите, туку пред се помагаме во дијагностика и лекувањето на дечињата со кардио респираторни нарушувања“, изјави главниот директор за финансии на Македонски Телеком, г-дин Славко Пројкоски.

Директорот на Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле, примариус доктор Оливер Зафировски, заблагодаруваќи се на донацијата истакна дека таа е во интерес на сите деца од Република Македонија.

„Македонски Телеком секогаш ги препознава вистинските потреби кога станува збор за медицинска опрема за нашиот Институт. Со надеж за понатамошна соработка им посакувам успех во нивната работа. При тоа, апелирам и останатите компании во државава да го следат нивниот пример, бидејќи ваквите донации се од непроценлива важност за  сите граѓани на Република Македонија“, изјави примариус доктор Оливер Зафировски, директор на Институтот по белодробни заболувања кај децата -Козле.

Болницата за белодробни заболувања кај децата Козле, е водечки Институт во нашата земја, но и регионот за комплексни респираторни проблеми кај децата. Целта на Институтот е да обезбеди целосна педијатриска нега на пациентите. Институтот по белодробни заболувања кај децата – Козле годишно згрижува 39.000 дечиња, од кои 4.000 се хоспитализираат, а 35.000 се лекуваат амбулантски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.