Донација од Македонците во Австралија за поплавените подрачја

Во организација на Амбасадата на Република Македонија во Канбера и Генералниот конзулат во Мелбурн се одржа донаторска акција за поплавените подрачја во Република Македонија во која се собрани околу 90.000 австралиски долари, пренесува МИА.

Како што соопштија од македонскиот конзулат во Мелбурн, во акцијата иницирана од неколку македонски иселеници, со свои прилози на посебната сметка за донации се вклучија сите здруженија, клубови и индивидуални лица. Спроведена е со координација на Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Австралија, а се реализира преку голем број културни и спортски настани, донаторски вечери и медиумска промоција во сите поголеми градови каде живеат Македонците.

Според амбасадорот Веле Трпевски, освен сумата која е собрана многу е значајно да се потенцира дека по повеќе години на поделби, недоразбирања и недоверба, Македонската заедница се обедини околу една кауза, една хуманитарна цел, во која се вклучија повеќе од 90 проценти од сите здруженија, клубови и медиуми на македонски јазик во Австралија.

– Пораката која што ќе ја испрати сумата која е собрана, е онаа вистинска порака дека Македонците од Австралија ја сакаат Македонија и знаат како да го покажат тоа, тогаш кога е најпотребно. Неодминлив факт е и вклучувањето на четири општини од Австралија, со свои директни донации: Ливерпул, Рокдејл, Хуртсвил и Квинбијан, потврдувајќи го на тој начин политичкото влијание и присутност на Македонците во локалната власт, како  јасен показател за значењето на инклузијата на Македонците во политичкиот живот во Австралија. Видливоста на Македонците пред австралиските власти, полека, но сигурно ја создава сликата за матичната земја која неминовно ќе доведе до остварување на интересите на македонската заедница на овој континент, вели Трпевски, стои во соопштението.

Собраните средства деновиве ќе бидат во целост префрлени во Република Македонија, со цел навремено да се алоцираат во погодените региони на земјата.