ТОП,Македонија

Донесен Буџетот за 2016-Поголеми инвестиции во патишта, железници, здравство, образование…

Донесен Буџетот за 2016-Поголеми инвестиции во патишта, железници, здравство, образование…
Денеска ќе се продолжи расправата за извештајот на ЕК за Македонија

По петдневна расправа, Собранието на Република Македонија пред полноќ го донесе Буџетот за 2016 година, со  66   гласови „за“,  28  гласови  „против“ и без воздржани.  По скратена постапка беше донесен и Законот за извршување на буџетот за 2016 година.

Расправата почна на 16 ноември. Според Деловникот, таа на пленарна седница трае пет работни дена. Како и во изминатите четири дена, и денеска собраниската седница помина во конфронтирање меѓу пратениците од владејачкото мнозинство и опозицијата и меѓусебни обвинувања за политиките.

Пред гласањето се обрати вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески кој им се заблагодари на пратениците за дискусиите.

– На пратениците од опозицијата за сите конструктивни дискусии кои сметам дека ги имавме во текот на овие пет дена, и да се заблагодарам на сите пратеници од позицијата кои со извонредно познавање и аргументи зборуваа за буџетот. И на тие што нема да гласаат за буџетот, и на тие што ќе гласаат, би сакал да се заблагодарам.  Буџетот ќе биде во корист на граѓаните на Република Македонија, рече Ставрески.

Вкупните расходи во Буџетот за следната година се проектирани на 195,7 милијарди денари, и се за 4,7 проценти повисоки од оние во 2015 година, а вкупните приходи се проектирани на 176,8 милијарди денари, каде има зголемување за 6 проценти во однос на 2015 година.

Основни карактеристики на буџетот за 2016 година според предлагачот се намалување на буџетскиот дефицит од 3,6 отсто оваа година на 3,2 проценти следната година и зголемување на средствата за пензии, социјална помош и капитални инвестиции, со цел да се поттикне развојната компоненета на буџетот.

Инвестициите во капитални проекти се на ниво од 37,5 милијарди денари, и се за 2,8 милијарди денари повеќе отколку во 2015 година, со раст од 12,9 проценти.

Повеќе средства се планирани и за интензивирање на проектот на Коридорот 10, кој треба да биде готов до крајот на 2016 и почетокот на 2017 година, за железничката инфраструктура 2.203 милиони денари, потоа повеќе средства за водоводни и канализациски системи, кои заедно со кредитните средства од ЕИБ и банката КФВ  изнесуваат 3.047 милиони денари.

За проектот за гасификација се планирани 428 милиони денари, 304 милиони денари за социјални станови, 197 милиони денари за медицинска опрема, потоа средства за реконструкција и изградба на здравствените објекти во Штип, Тетово, Кичево, Чаир и Клиничкиот центар во Скопје, средства за културни и спортски објекти, основни и средни училишта и студентски домови, универзитети, технолошко-индустриски објекти и слично. За здравството се наменети 1,6 милијарди денари, во образованието 2,5 милијарди денари, за животната средина 390 милиони денари…

На приходната страна се очекува даночните приходи да имаат раст од 6,5 проценти и да изнесуваат 101.531 милион денари, неданочните се планирани на 9.633 милиони денари и се за 519 милиони повеќе, а придонесите да имаат раст од 4,2 проценти и да изнесуваат 49.187 милиони денари.

Растот на економијата се очекува да биде 4 проценти од БДП, а инфлацијата 2 процента.

Со предвидените средства за финансирање на Буџетот, РМ ќе остане во зоната на умерено задолжени земји, односно Буџетот ќе се вклопи во среднорочната фискална стратегија.