Донесен законот за отпишување камати од неплатени придонеси

Собранието денеска во рамки на 53. седница со 62 гласови „за“, ниту еден против и воздржан, го донесе Законот за отпишување камати на достасани обврски по основ на придонеси од задолжително социјално осигурување, објави МИА.

Со Законот, како што нагласи министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, ќе им се помогне на над 16.000 компании, преку 5.000 земјоделци и околу 500 верски лица. Се отвора можност тие да бидат целосно ослободени од камата ако го платат главниот долг.

– За заостанат долг до 10 милиони денари, Законот овозможува плаќање на 12 рати, а за долг од над 10 милиони денари, наместо на 24 рати, како што беше првично предвидено, се дозволува плаќање на 36 рати, посочи министерот.

Спасов оцени дека ова е големо олеснување за приватните компании со оглед дека ќе бидат осолободени од каматата, до 100 отсто ако го платат заостанатиот долг до крајот на 2008 година и до 70 проценти ако го платат заостанатиот долг од периодот 2009 – 2014 година.

За верските лица со долг до 120.000 денари можноста на плаќање е 12 рати, а ако долгот надминува 120.000 денари може да се плати на 36 рати.

Заклучно со 31 декември 2008 година вкупно 16.656 правни субјекти имаат неплатен долг од 7,939 милијарди денари, додека 5.173 земјоделци должат 851 милион денари неплатен придонес.

За подмирување долг од периодот 2009 до 2014 година може да се поднесе барање до УЈП до крајот на 2015-та и да се склучи договор за негово плаќање.