Донесен законот за високо образование, пробен државен испит првата година

Собранието на Република Македонија попладнево на 31-вата седница го донесе Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование, кој е дел од пакетот седум образовни закони, сите донесени на денешната седница.

За државниот испит ќе има пробна година, што вчера беше побарано од Ректорската управа на УКИМ. Министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми го прифати амандманот со кој се дополни предлог-законот – државниот испит што ќе го полагаат студентите, првата година да се спроведе како пилот-проект.

– За МОН и Владата овој амандман е прифатлив. Станува збор за организирање пилот-државен испит пред да се спроведе. Резултатите од пилот-државниот испит нема да имаат правни последици за тие што ќе бидат опфатени со него. А за тоа кои факултети, кои универзитети, студенти и кои студиски проограми ќе бидат опфатени во пилот-државниот испит ќе се усогласи со Одборот за акредитација и евалуација, рече Адеми, пренесе МИА.

За бенефитите од реформите во образованието зборуваа пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и од ДУИ.  Александар Николовски рече дека е недозволива и неодржлива ситуација да излегуваат се повеќе дипломирани, а се помалку знаење.

– Мора да бидеме објективни дека на приватните, а и на држвните универзитети, се помалку има квалитет и се повеќе подарени оценки.  Државниот испит е извонредно добар механизам да видиме дали професорите правилно ги оценуваат студентите, рече Николовски.

Неговиот сопартиец Андон Чибишев додаде дека првобитниот предлог претрпел повеќе измени со кои законот станал  поквалитетен. Потсети дека МОН и Владата прифатија повеќе сугестии и предлози од универзитети и невладини организации. Посочи дека за државниот испит се олеснети многу услови, а најново е што тој ќе биде пилот-проект.

– Со пилот-проект на државниот испит тој крајно се поедноставува. Не знам што треба уште да се побара, рече Чибишев, пренесе МИА.

Лилјана Поповска од ДОМ во расправата рече дека нема да гласа за овој закон. – Неговата содржина ќе ја искомплицира допплнително состојбата во високото образивание  и нема да го унапреди, што е главна цел на законот, рече Поповска.

Таа смета дека со државниот испит  се ризикува студентите да одат на студии во соседни земји каде нема државен испит. Не се согласува ни со одредбата за странец ректор или декан и за изедначување на бројот на објавени научни трудови од општествени и хуманистички науки со природните науки. Рече дека науката е во врвот на приоритети на ДОМ уште од основањето на партијата и дека законот не може да го поддржи и од  лични принципи на човек кој цел живот е опкружен со наука.

Спорно за Павле Трајанов од Демократскиот сојуз е што нема сеопфатна и компаративна анализа и темелна и стручна научна расправа. – Разговараме за реформи, сите зборуваме дека се неопходни, но недостасува темелна анализа и стратегија за насоката во која ќе се движат овие рефрми.  Има контроверзни и провокативни решенија за кои треба да се разговара, а има и добри решенија, рече Трајанов.

Според него, не е лоша идејата странец да биде ректор или декан или да се објавуваат трудови во списанија со импакт-фактор но, како што рече,  не е сигурен кои решенија се најприфатливи и дека тие решенија треба да произлезат од универзитетите, пренесе МИА.

Роза Топузовска, Љубица Буралиева и Солза Грчева побараа повлекување на законот. Истакнаа дека се за издржани реформи а не за закони кои се спротивни на Уставот. Грчева побара од претседателот Ѓорге Иванов да стави вето на законот, а Буралиева и Топузовска  ги повикаа пратениците да го слушнат гласот на над 10.000 студенти и на над 300 универзитетски професори кои со петиција бараат повлекување на предлогот.

Беким Фазлиу од ДПА рече дека неговата партија не прифаќа закон кој не е во полза на Албанците и кој, како што рече, го македонизира високото овразование. Го обвини министерот Адеми дека соучествува во донесувањето штетен закон кој, според него, ќе доведе до  затворање на Државниот универзитет во Тетово.

Во попладневниот дел од седницата беа донесени и измените и дополнувањата на Законот за основното образование и Законот за средно образование, Законот за обука и испит за директор на основно училиште, средно училиште, ученички дом и отворен граѓански универзитет за доживотно учење и Законот за високообразовните установи за образование на наставен кадар во предучилишното воспитание, основното и средното образование (закон за педагошки факултети).