Донесени измени на Законот за просторно и урбанистичко планирање

Кратење на постапките за носење урбанистички планови, предвидуваат измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање, изгласани на денешнотo продолжение на 114. седница на Собранието на Република Македонија.

Со измените се пропишуваат услови за изменување и дополнување на генералните урбанистички планови и урбанистичките планови за села во делови, во зависност од реалните потреби и можности на донесувачот.

За поедноставување на постапките за уредување на просторот со намена индустрија и производство се воведува можност според потребите на инвеститорите да се изврши спојување на градежни парцели преку изработување архитектонско урбанистички проект. Со ваков проект како урбанистичко проектна документација се определува и можност за преуредување граници на две соседни парцели со намена семејно домување, во насока на нивно усогласување со сопственичките односи, а со цел остварување на правото за градење.

Со законските измени, меѓу другото, се уредуваат подетално условите под кои детален урбанистички план донесен согласно генерален урбанистички план кој престанал да важи може да се применува со цел остварување на правото за градење.

За поефикасно реализирање градби со намена семејно домување во рамки на донесените детални урбанистички планови, со законот има можност за воведување нова површина за градење за градежните парцели поголеми од 500 метри квадратни, преку изработка на архитектонско урбанистички проект, како поедноставна постапка во споредба со промена на детален урбанистички план.

Во тек на расправата Томислав Тунтев од опозициската СДСМ оцени дека станува збор за ад хок измени кои не се наменети за широка популација и објективни проблеми туку, како што рече, се производ на бизнис интереси.

– Нејасно е и несериозно е да се носат по скратена постапка вакви важни одредби од законот. Низ големиот број законски одредби што се менуваат се насетува друга интенција, всушност се работи за воведување нова урбанистичко проектна документација, рече Тунтев.

Реплицирајќи Лилјана Затуровска од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека измените се на барање на граѓаните и оти се поедноставуваат постапките за измени на генералните урбанистички планови, се олеснува работата на општините, се скратуваат постапки…

– Со амандман на ВМРО и на ДУИ се интервенира во член 6  со кој се прецизира начинот на одобрување на планската програма. Досега планската програма за урбанистичката и локалната планска документација  за потребата на општината се изработуваше   од страна на комисијата  за урбанизам, а  сега може да се изработува од лица со лиценци, рече Затуровска.

Нејзиниот сопартиец Драган Данев исто така во реплика рече дека со досегашното законско решение ако одредена сообраќајница се проширува сопствениците на парцели до сообраќајницата не можеле да градат до промена на деталниот урбанистички план. Сега, потенцира, наместо да се чека со години за измена, ако не им се влегува во парцелите на сопствениците со изградбата, веднаш ќе можат да градат.

Според Лилјана Поповска од ДОМ, законот е штетен и поставен на лоши претпоставки. – Покажува дека државните институции веќе немаат намера да бидат сервис на граѓаните и да го штитат јавниот интерес. Ова значи дека со овие измени на законот досегашните недостатоци во процесот на просторно и урбанистичко планирање уште толку ќе се зголемат, ќе се направи забрзување на процесите на просторно и урбанистичко планирање и можност за уште поголеми злоупотреби, рече Поповска.

На продолжението на 114. седница, по скратена постапка, без расправа, беа изгласани и измени и дополнувања на законите за земјоделство и рурален развој и за јавни патишта.

Со измените на Законот за земјоделство треба да се овозможи ефикасна и навремена исплата на помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани. За корисниците на мерките помош за загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани и корисниците на дополнителна помош за исплата на загуби предизвикани од природни непогоди и неповолни климатски настани се предвидува да не важат условите за подмирени обврски по други основи.

Со дополнување на Законот за јавните патишта, пак, се овозможува во случај на елементарна непогода и други несреќи, за кои е донесена одлука за постоење кризна состојба од страна на Владата, работите за рехабилитација и реконструкција на општинските патишта и улици може да ги врши и Јавното претпријатие.

Седницата ќе продолжи по редовната пауза на пратениците.