вторник, 25 јули 2017  |  Вести денес: 36

Донесени измените на законите за народен правобранител и за студенскиот стандард

sobranie11

Последни вести

Собранието на Република Македонија денеска на продолжението на 114 седница го изгласа Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за студентскиот стандард, со кој се дава можност студент да биде тутор на ученици од основно и средно образование и со тоа да добие дополнителни поени ако конкурира за добивање стипендии.

Пратениците денеска го изгласаа и Предлог – законот за изменување и дополнување на Законот за народниот правобранител. Заменик министерката за правда Билјана Бришковска Бошковски појасни дека со измените и дополнувањата се врши натамошно унапредување на системот на заштита на човековите права во Македонија во согласност со  меѓународните стандарди за човекови права.

– Целите кои ќе се постигнат со предложениот закон е усогласување на законот за Народен правобранител со Париските приципи, препораката на групата на искусни експерти за системските прашања за владеењето на правото во Македонија, воведување на промоција на човековите слободи и права како и зајакнувањето на мандатот на народниот правобранител, истакна Бришковска Бошковски.

Измените, додаде заменик министерката, ќе овозможат механизми за јакнење на институцијата Народен правобранител, разграничување на престанокот на функцијата по сила на закон, усогласување со одредбите на факултативниот протокол кон конвенцијата против тортура и др.

Според Рената Дескоска-Тренеска од СДСМ законот треба да понуди ефикасни механизми за спречување на игнорантскиот однос на институциите спрема укажувањата на народниот правобранител и ако до тоа дојде механизми за казнување на ваквото постапување.

– Она што е внесено во членовите 18, 24, 25, и 27 од предложениот закон не е доволно за зајакнување на ефикасноста на народниот правобранител. Сите реформи кои ги прави коалицијата на ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ и оваа наводна реформа во најголем дел од одредбите е обична шминка која ќе падне уште првиот пат кога народниот правобранител ќе се соочи со игнорантскиот однос на институциите, рече Десковска-Тренеска.

Дајанчо Ефтимов од ВМРО – ДПМНЕ појасни дека дел од измените меѓу кои се и измените во членот 2 од Законот за Народен правобранител кој се однесува на надлежноста на народниот правобранител, се во функција на промовирање на човековите права, како и дејствување против органите на единиците на локалната самоуправа и врши други работи утврдени со друг закон.

– Во еден од членовите се додаваат три става кои се однесуваат на промовирање на човековите права и промоција на истите права преку Јавниот радуодифузен сервис на РМ и превенција од тортура и друг вид на сурово, нечовечко постапување и казнување, рече Ефтимов.

Реплицирајќи им на пратениците од опозицијата во врска со зголемениот број претставки до народниот правобранител, Ефтимов посочи дека тоа се должи на освестувањето на граѓаните за евентуалното кршење на нивното право.

Пратеничката Роза Топузовска Каревска рече дека со измените не се нуди целосна финансиска независност, сопствен буџет и зголемување на човечките ресурси на Народниот правобранител.

Собранието ќе ја продолжи 114 седница утре во 12 часот.

Најчитани вести