Донесени измените на Законот за здравствена заштита

Собранието на Република Македонија, во рамки на 25. седница, ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здравствена заштита, со кој се менуваше еден член според кој дел од акцизата за цигари ќе се пренамени за лекување на ретките болести, пренесува МИА.

По оваа основа од Министерството за здравство очекуваат прилив меѓу 200 и 250 милиони денари финансиски средства кои ќе бидат искористени за лекување на ретки болести во Македонија.

Во расправата беше истакнато дека средствата кои во моментов се издвојуваат за лечење на пациенти со ретки болести се недоволни за да се излезе во пресрет на околу 200 регистрирани болни. Со измени на законот, пак, се отвора можност за еден фер однос кон сите заболени и наменско и транспарентно трошење на средствата.

Пратениците ги донесоа и измените и дополнувањата на Законот за здравствено осигурување, по скратена постапка.

Во текот на расправата пратеникот Павле Саздов истакна дека со измените се врши олеснување на користењето на здравственото осигурување на лица кои примаат старосни или инвалидски пензии од странство.

На седницата беа донесени и Законот за измени и дополнувања на Законот за пензиско и инвалидско осигурување и Законот за изменување на Законот за придонеси од задолжително социјално опсигурување, двата по скратена постапка.

Донесена беше и Програмата за одбележување на јубилејни годишнини на значајни настани и истакнати личности во Република Македонија за 2015 година. Предлог програмата содржи 38 предлози доставени од 29 институции од вкупно 200 до кои биле испратени дописи. Пратеничката Силвана Бонева апелираше до институциите да бидат поактивни и во иднина да одговорат на дописите што ги добиваат од Собранието.

Поддршка добија и Предлог законите за дополнување на Законот за угостителска дејност и за изменување и дополнување на Законот за контрола на извоз на стоки и технологии со двојна употреба, двата во прво читање, кои се дадени на натамошно читање, со што беше исцрпен дневниот ред на 25. Собраниска седница.

Претседателот на Собранието Трајко Вељаноски најави дека за утре е предвидено традиционланото годишно обраќање на претседателот на државата Ѓорге Иванов пред пратениците.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.