сабота, 3 декември 2016  |  Вести денес: 0

Донесени повеќе закони во Собранието

Парламентот денеска во рамки на 111. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здравственото осигурување по скратена постапка со кој ќе се овозможи ласерска корекција на диоптрија според критериумите на Фондот за здравство на граѓани од 18 до 26 – годишна возраст, за што министерот за здравство ќе треба да даде согласност.

sobranie

Поврзани вести

Парламентот денеска во рамки на 111. седница ги донесе измените и дополнувањата на Законот за здравственото осигурување по скратена постапка со кој ќе се овозможи ласерска корекција на диоптрија според критериумите на Фондот за здравство на граѓани од 18 до 26 – годишна возраст, за што министерот за здравство ќе треба да даде согласност.

Во текот на расправата пратеничката Јогода Шахпаска од СДСМ забележа дека овој предлог на закон ќе се однесува за 50 -тина до 100 граѓани и е популистичка мерка.

Пратениците од парламентарното мнозинство со став дека секоја нова мерка со која се подобрува животот на граѓаните треба да се поддржи и оти не држат тврдењата дека е таа популистичка.

Во рамки на 111. седница на Собранието на Република Македонија денеска беше донесен и Законот за изменување на Законот за државниот испитен центар по скратена постапка, поднесен од група пратеници.

Со предлогот се уредува начинот на именување и разрешување на директорот на Државниот испитен центар (ДИЦ). Имено, се предлага директорот на Центарот наместо Управниот одбор составен од седум члена да го именува и разрешува Владата на Република Македонија на предлог од министерот за образование и наука.

Опозицијата оцени дека не е важно кој го избира директорот на ДИЦ оти оваа институција воопшто не ги исполнила очекувањата и задачите за кои е формирана, туку само е усложнета работата и е искомплициран животот на учениците. Затоа сметаат дека и системот на екстерното тестирање и овој Испитен центар кој, велат, е дел од тој „експеримент“ треба да бидат укинати.

Благица Ласовска од ВМРО-ДПМНЕ реплицираше дека е апсурдно опозицијата да зборува за екстерното тестирање, матурата и сите процеси кои ги обавува ДИЦ затоа што, вели, додека беше отсутна од Собранието парламентарното мнозинство донесе нов концепт на екстерно тестирање. Според неа, со измените во изборот и именувањето на директорот од страна на Владата ќе се овозможи ист статус на овој Центар со останатите институции кои се под надлежност на МОН.

Оваа измена е сосема минимална и се однесува само за избор на директор на ДИЦ, а не за концептот на екстерното тестирање, рече Ласовска.

Расправата по предлогот утврден од Комисијата за прашања на изборите и именувањата на Собранието на РМ Костадин Кизов, дипломиран правник со положен правосуден испит, да биде избран за член на Судскиот совет на РМ заврши, а гласањето е поместено за попладневниот дел од седницата. Во текот на расправата СДСМ оцени дека станува збор за предложено решение кое е неиздржано  и дискутабилно бидејќи кандидатот не ќе биде во можност да ја извршува во целиот свој мандат функцијата член на Судскиот совет оти работниот век ќе му заврши на 31 август 2016 година.

Овој избор е апсолутно неоправдан заради тоа што на долг рок нема да даде никаков ефект. Формално правно и да биде изгласан денеска тој нема да има повеќе од 13 дена како активен член на Судскиот совет. Затоа што потоа ќе наполни 64 години, а согласно постојниот Закон за судовите не е дозволено продолжување на мандатот на судиите доколку се надмине старосната граница од 64 години, рече Бетијан Китев од СДСМ.

Зоран Илијовски од ВМРО-ДПМНЕ, кој е и претседател на собраниската Комисија за прашањата на изборите и именувањата рече дека предлогот доставен до Собранието од законска гледна точка е комплетно оправдан и нема никаков проблем во однос на законската процедура денеска да биде донесен.

Во врска со тоа дека за брзо време човекот треба да замине во пензија, тоа е точно. Меѓутоа, ние како Комисија се соочивме со фактот дека имавме две опции – едната е да извршиме избор или другата опција е да не извршиме избор и да се донесеме во ситуација местото да не биде пополнето, односно Собранието да замине на годишен одмор па да се пролонгира новиот избор на некој нов кандидат кој би се пријавил на нов оглас. Од тие причини одлучивме дека е подобро сега да направиме избор и местото да биде пополнето отколку да го оставиме празно, рече Илијовски и најави дека штом се испразни местото повторно ќе биде распишан оглас.

Без расправа пратениците ги донесоа измените и дополнувањата на Законот за градежно земјиште и на Законот за административни службеници, двата по скратена постапка. Пратениците ги донесоа и измените и дополнувањата на Законот за спортска академија по скратена постапка со кои се доуредуваат одредени одредби од законот, со цел за нивно допрецизирање.

Собранието денеска го донесе и ребалансот на Буџетот за 2016 година.

Седницата ќе продолжи по куса пауза. Покрај гласањето по Предлогот за член на Судскиот совет на РМ, пратениците ќе расправаат по Годишниот извештај за работата на Судскиот совет на РМ за 2015 година.

Најчитани вести