Македонија

Допис до ЕУ за проблемот со камионџиите од Советодавното тело на македонската царина

Допис до ЕУ за проблемот со камионџиите од Советодавното тело на македонската царина
Допис до ЕУ за проблемот со камионџиите од Советодавното тело на македонската царина

Допис до Делегацијата на ЕУ за итно надминување на проблемот со македонските камиони заглавени на хрватско-српската граница ќе испрати Советодавното тело при Царинската управа во кое членуваат стопанските комори, Макамтранс, Америт, Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори, МАСИТ, Кластерот за текстил. Ова е договорено на денешниот состанок на Советодавното тело, соопшти Царинската управа, објави МИА.

Членките на Советодавното тело едногласно изразија длабока загриженост од настанатата состојба со ограничувањето на прометот на македонски стоки и движењето на македонските транспортни средства од и кон Европската унија, посочувајќи ги големите штети кои ги трпат македонските стопански субјекти, информира Царината.

Советодавното тело е формирано во јануари 2009 година со потпишување Меморандум меѓу Царинската управа, Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори на Македонија, Стопанската комора на Северозападна Македонија, Асоцијација на независни синдикати на камионски транспортери, СИЗ „Македонија сообраќај“ и Групацијата на меѓународни шпедитери и логистички оператори.

Во него членуваат и Американската стопанска комора во Република Македонија, Текстилното трговско здружение – Текстилен кластер, Здружението на кожарско преработувачка индустрија и Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, а во мај оваа година пристапија и Унијата на Германски комори за индустрија и трговија – Претставништво Скопје, Македонско – Бугарската стопанска комора, Холандската стопанска комора и Стопанската комора на Македонија – Турција.

Покрај проблемот со транспортерите, на состанокот беа презентирани и новите измени на Царинскиот закон и Законот за акцизи согласно новиот Закон за општата управна постапка и новиот Закон за прекршоци, измените на Законот за вршење работи за застапување во царинските постапки, новото Упатство за поедноставени постапки, како и досегашните активности на Работна група за изготвување предлог за поедноставена евиденција при увоз за облагородување на текстил, како и предлог за поедноставување на постапката со отпадот/остатокот по производството кај имателите на одобренија за увоз за облагородување.