Дополнет огласот за јавни функции кои се во надлежност на Собранието

Собранието на Република Македонија и Комисијата за прашања на изборите и именувањата го дополнија огласот за ангажирање лица за повеќе јавни функции кои се во нивна надлежност.

Со новиот оглас се бараат компетентни и високо мотивирани кандидати за позициите генерален секретар на Државната комисија за спречување на корупцијата, седум членови на Комисијата за заштита од дискриминацијата и генерален секретар на Комисијата за одлучување во управна постапка и постапка од работен однос во втор степен.

Дополнување на огласот има и во однос на доставувањето на сертификатот за положен психолошки тест и тест за интегритет за места во Дирекцијата за заштита на личните податоци, Комисијата за решавање на жалби од областа на енергетиката, Комисијата за заштита на правото на слободен пристап до информациите од јавен карактер и во Комисијата за жалби по јавни набавки.

Првиот оглас беше објавен на 23 овој месец и тој се однесуваше на 35 јавни функции, претежно претседатели и членови на управни одбори во агенции и членови на комисии.

Крајниот рок за поднесување на пријавите е 20 идниот месец. Заинтересираните кандидати треба до Собранието да достават пријава во која ќе биде наведена јавната функција за која се пријавува, лична биографија не поголема од пет страни, документи со кои се докажува исполнувањето на условите утврдени во огласот и уверенија за познавање странски јазик.

Од кандидатите се бара да имаат повеќегодишно искуство и соодветно образование и да ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат. Можност за пријавување имаат сите кандидати кои своето образование го оформиле како во Република Македонија, така и во странство.

– Сите пријавени кандидати имаат еднакви шанси да бидат примени согласно нивните способности, образование, искуство и личен капацитет, без разлика на полова, верска, партиска и национална припадност, имотна состојба и други лични околности. Ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кандидати за јавната функција за која се аплицира. Сите пријавени кандидати кои ги исполнуваат законските услови за функцијата за која се пријавуваат ќе бидат повикани на интервју и нивните податоци и препораки ќе подлежат на проверки, се наведува во огласот.

Секој обид за лично лобирање и ургенција од страна на кандидатите ќе се смета како слабост и неверување во сопствените капацитети и ќе влијае негативно во формирањето на финалната оценка за кандидатот.

Сите кандидати кои се актуелни носители на јавните функции за функциите за кои се објавуваат во овој оглас, а мандатот им истекува до јуни 2016 година или лица со истечен мандат, имаат право и можност повторно да се пријават за функциите кои досега ги извршуваат.

Огласот за пројавување интерес не е законска обврска на Собранието на Република Македонија, но според Комисијата за прашања на изборите и именувањата, како предлагач на носители на јавни функции, потребно е да се распише со цел да им се даде можност на што поголем број способни луѓе.

извор: МИА