Македонија

Дополнителни 296 ваучери за таблети за студентите

Дополнителни 296 ваучери за таблети за студентите

Министерот Ивановски денеска го посети продажниот салон на „СЕТЕК – се од техника“ во ТЦ Соравија, каде информираше за текот на активностите поврзани со проектот за доделување на таблети за студенти.

„По дополнителната проверка што  е направена, Комисијата денеска ќе додели дополнителни 296 ваучери за таблети за студентите во вредност од 8.000 денари и таа бројка до денеска  изнесува вкупно 5.079 студенти коишто ја искористија оваа можност. Околу 3.200 студенти до денеска ги имаат подигнато ваучерите, додека околу 1.900 се уште го немаат направено. Апелирам до нив што е можно побрзо да ги подигнат ваучерите  од своите факултети и со тоа да можат да ги искористат до 25 јуни, со цел да набават таблет со тастатура.„- рече министерот Ивановски.

Тој напомена дека ,,Сетек – се од техника” е една од компаниите која привлече најголем број ваучери, односно една третина од ваучерите кои досега беа подигнати од студентите.

„Ќе продолжиме да правиме дополнителни анализи, доколку има грешки и ако се исполнети условите, ќе им се јавиме дополнителнона студентите за да можат и тие да го остварат своето право на ваучер“, додаде Ивановски.

Еден од сопствениците на „Сетек – се од техника“ Игор Кимовски изрази надеж дека Министерството за информатичко општество и администрација и Владата на Република Македонија нема да застанат само на овој проект, туку и во иднина ќе спроведуваат слични проекти кои претставуваат сериозна поддршка и за ИТ секторот во земјата и компаниите кои се занимаваат со оваа област.