Македонија,Економија

Досега 350.000 семејства поднеле барања за легализација

Досега 350.000 семејства поднеле барања за легализација

Педесет граѓани на општина Кисела денеска добија решенија за легализација на бесправно изградени објекти. Со нив досега во општината позитивно се решени 2.967 од вкупно поднесените 11.874 барања за легализација.

Новите решенија ги врачија премиерот Никола Груевски и градоначалникот на Кисела Вода, Билјана Беличанец-Алексиќ.

Груевски рече дека Владата нашла начин да реши еден општествен проблем кој се таложел со години и да им овозможи на голем број граѓани да ги легализираат своите домови.

prem1

„Конечно падна големиот товар кој луѓето го носеа по 10, 15 или 30 години. Можноста за поднесување барања за легализација ја искористија околу 350.000 граѓани низ земјата, тоа се околу 350.000 семејства. Тоа е уште една потврда за масовноста на оваа појава и за големината на проблемот со кој се соочуваме како држава. Кисела Вода е една од општините во кои овој проблем е најприсутен… Таа е и една од најуспешните општини во овој дел и заслужува честитки. Ги повикувам и другите општини да го следат примерот“, рече Груевски.

На ниво на Македонија се решени речиси 100 илјади барања од поднесените 350 илјади. Рокот за поднесување на барањата е продолжен до крајот на 2015 година. Груевски ги повика останатите околу 250 илјади граѓани (семејства) да побрзаат и да ги комплетираат документите за да го стигнат рокот и, како што рече, да го искористат моментот и добрата волја што ја има сегашната влада.

Градоначалничката Беличанец-Алексиќ истакна дека денешниот настан е уште еден чекор во решавањето на децениските проблеми на граѓаните за впишување на правото на сопственост на нивните објекти.

„Владата на РМ со носењето на Законот за легализација на дивоградбите им овозможи историска шанса на сите граѓани за стекнување правна и легална сопственост на нивните домови. Денес секој има можност да стане реален сопственик на својот имот – свој на своето“, рече Беличанец-Алексиќ.

Посочи дека за забрзување на динамиката, општината кадровски и технички се доекипирала и оти неделно се решаваат најмалку 40-50 предмети, така што до денес се решени околу 25 проценти од пристигнатите барања.