Досега 9.000 дечиња биле на бесплатен одмор

Министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески, директорот на Центарот за социјални работи, Виолета Гаџовска денеска ги посетија децата кои се на зимување во одморалиштето Пелистер, во рамки на Проектот за користење услуга за одмор и рекреација на деца од семејства во социјален ризик.

– Заедно со градоначалникот на општина Битола, пратеничката од општина Битола и директорката на Центарот за социјални работи, денеска ги посетивме дечињата коишто се на бесплатно зимување во детското одморалиште на овде на Пелистер. Имено, во рамките на проектот, којшто го реализира  Владата преку Министерството  за труд и социјална политика, оваа зима ќе бидат опфатени 1.000 дечиња којшто ќе имаат можност да бидат на бесплатен зимски одмор. Децата потекнуваат од семејства во социјален ризик, од семејства кои што се приматели на социјална парична помош и на постојана парична помош, исто така и деца без родители, како и деца со пречки во развојот, рече Спасов и продолжи:

-Од 2012 година, министерството за труд и социјална политика  го реализира овој проект во текот на летниот и во текот на секој зимски период при што до сега оваа услуга, односно право на бесплатен одмор имаа околу 8000 дечиња. Заедно со оваа зима ќе бидат опфатени вкупно 9.000 дечиња.

Тој најави дека овој проект ќе продолжи и во текот на летниот временски период односно планирано е да се реализира уште еден ваков проект во летото при што планот е да бидат опфатени над 2.000 на бесплатен летен одмор.

– И понатаму ќе продолжиме со ваква грижа за овие дечиња бидејќи и покрај тоа што потекнуваат од сиромашни семејства, од помалку имотни семејства коишто можеби не можат да им дозволат на своите деца да бидат на летен и зимски одмор, токму поради тоа ние како министерство и како Влада интервенираме со еден ваков добродетелен проект давајќи можност на децата од ранливите категории да можат да отидат на планина во текот на зимата или пак на езеро во текот на летото, заврши Спасов.