Досега доделени 680 социјални станови, проектот продолжува

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски, денес посочи дека изминативе години е направен огромен напредок и дека со таа пракса ќе се продолжи и во иднина.

-Направен е голем прогрес во изградбата и доделување на социјалните станови. Досега се доделени 680 социјални станови за семејства од социјално ранливи категории, а 123 се во фаза на градба во две населени места. Наскоро ќе започне и градба на социјални станови во Гостивар. Вкупно со овие станови ќе бидат 800, истакна Груевски.

Претседателот на владејачката партија потенцира дека од почетокот на следната година социјални станови ќе се градат и во четири други градови ширум Македонија.

Со нив околу 1000 станови, рече Груевски, ќе бидат предадени на луѓе кои не можат да дојдат до свое живеалиште на друг начин.

Во овој проект од голема важност е и тоа што се опфатени лицата излезени од дом за деца без родители и родителска грижа и во секоја изградена социјална зграда најмалку 10% од становите ќе бидат наменети за нив.