четврток, 8 декември 2016  |  Вести денес: 16

Досега отворени 50 нови градинки, дo крајот на годината ќе се отворат уште осум

Само годинава се отворени седум нови детски градински во општините Кисела Вода, Бутел, Петровец, Илинден, Јегуновце, Пештани и Оризари, а во повеќе општини во тек е опремувањето на нови градинки, кои би требало да бидат готови до крајот на оваа година.

Gradinka_1

Последни вести

Се зголемува бројот на деца згрижени во детските градинки. Податоците од Државниот завод за статистика покажуваат дека во 2014 година бројот на запишани деца во предучилишните установи низ земјава се зголемил за 3,4 отсто во однос на 2013 година. Годината пред тоа во градинките биле згрижени 26.885 дечиња што претставува зголемување за 7,3 отсто во однос на 2011 година, покажуваат податоците од ДЗС.

 

Со цел излегување во пресрет на потребите на граѓаните за згрижување на најмладите во предучилишни установи, Владата интензивно работи на зголемување на капацитетите во градинките. Концептот за отворање на нови детски градинки, како што потенцираат од Владата, изминатите години резултирал со отворање на 50 нови детски градинки во различни општини низ државата. Само годинава се отворени седум нови детски градински во општините Кисела Вода, Бутел, Петровец, Илинден, Јегуновце, Пештани и Оризари, а во повеќе општини во тек е опремувањето на нови градинки, кои би требало да бидат готови до крајот на оваа година. Очекувањата на Владата се дека плановите за отворање на 10 нови градинки до крајот на годината, ќе биде надминати и дека освен досега отворените седум ќе се отворат уште осум нови градинки, односно 15 предучилишните установи за само една година. Концептот за отворање на нови детски градинки што Владата го започна како начин за излегување во пресрет на потребите на граѓаните, во изминатите години резултирал со отворање 50 нови градинки во повеке општини низ државата.

 

До крајот на идната година  ќе се доградат и двете градинки во Куманово, најави лидерот на владејачката партија, Никола Груевски.

 

„Во општина Куманово планирани се две нови градинки. За едната постапката е веќе почната, има одредени формални пречки бидејќи компаниите дале нешто повисока понуда од претходно планираната. Се бараат начини како тоа да се надмине или во краен случај да се повтори постапката. Во таа градинка треба да се сместат 80 или 90 деца. Втората градинка е во населбата „Гоце Делчев“, каде исто така се планира проширување за нов капацитет од 50 деца. Вкупно 130 или 140 дополнителни деца ќе добијат простор за згрижување до крајот на следната година. Дотогаш се планира да завршат доградбите на овие градинки“, изјави Груевски при вчерашната посета на Куманово.

 

Паралелно со изградбата и опремувањето на државни детски градинки, интензивно се отвораат и приватни детски градинки и досега во Македонија отворени се 26 приватни установи за предучилишна возраст. Отворањето на приватни градинки е и еден од проектите кои се спроведуваат за зголемување на опфат на дечињата во предучилишните установи.

 

„Еден од главните приоритети на Владата е спроведување на активности и на проекти чијашто цел е обезбедување на што поголем број на капацитети за што поголем опфат на дечињата во предучилишните установи. Генерално одиме на спроведување на стратегија којашто има два големи сегменти, првиот е изградба и доградба на градинки во урбани и во рурални средини по пат на буџетско финансирање од страна на Владата и од страна на единиците на локална самоуправа. Вториот сегмент претпоставува обезбедување на услови преку презентација на пакет поволности за посериозен влез на приватниот капитал во рамките на оваа сфера, за по пат на конкуренција да се обезбеди подобрување на условите во рамките на овој значаен сегмент на општеството“, вели портпаролот на Владата на Република Македонија, Александар Ѓорѓиев.

 

Тој додава дека немањето доволно капацитети за згрижување на дечињата од предучилишна возраст е проблем со кој се соочува државата повеќе години и на кој Владата посветено работи.

 

„Се работи за еден повеќедецениски предизвик кој што се трудиме да го надминеме, има уште доста да се работи се разбира, но досега е направено многу и ќе продолжиме да имаме полна посветеност кон задоволување на потребите на родителите“,посочува Ѓорѓиев.

 

Дека постои сериозен интерес за мерката која се спроведува преку Агенцијата за вработување за доделување на неповратни финансиски средства во износ од 10.000 евра за отворање на приватни детски градинки, потврдува и директорот на Агенцијата, Влатко Поповски.

 

„За проектот за доделување на грантови за отворање на приватни градинки и за вработување на најмалку четири лица во износ од 600.000 денари, досега имаат аплицирано 11 правни и физички лица коишто идеја и интерес да отворат свои градинки. Од нив седум  веќе имаат коплетирано соодветна документација со лиценца за отворање на градинка, а ги очекуваме и останатите во наредниот период да ја достават документацијата. За секоја комплетна апликација која ке биде поднесена во наредниот период до Агенцијата за вработување  ние ке се обидеме да доделиме гранд за да можат да отворат свои приватни предучилишни објекти, посочува Поповски во изјава за Нет Прес.

 

Тој додава дека поволности кои ги нуди државата се одлични и дека е потребна малку поголема мотивација од правните лица да се одлучат основаат бизнис во делот на згрижување на деца од предучилишна возраст.

 

„Но, сепак, се уште е потребна мотивација кај правните лица бидејки има добар стимул од државата, има добри поволности коишто се нудат од страна на Министерството за труд и социјална политика. Владата направи доста измени и дополнувања на Законите со коишто овозможува на секој што има идеја да води бизнис во делот на згрижување на деца од предучилишна  возраст, може да ги искористи понудените поволности“, појаснува Поповски.

 

Резултатите од дефинираните мерки и политики на државата за зголемување на капацитетите за згрижување на деца од предучилишна возраст се видливи и преку податоците за згрижување на дечињата во градинките. Истите покажуваат дека ако порано градинките обезбедувале опфат на згрижување за околу 15.000 деца, денеска тој број е значително зголемен и изнесува околу 37.000 згрижени деца во установите за предучилишна возраст низ земјава. Од Владата посочуваат дека исклучително значаен е порастот кај децата од три до шест годишна возраст, кај кои процентот на опфат во 2006 година изнесувал 12 отсто, а сега е неколкукратно зголемен и изнесува 40 проценти.

 

Најчитани вести