Доставени 49 понуди за 80 мали хидроелектрани

Четириесет и девет понуди се доставени до Министерството за животна средина од домашни и странски компании за вкупно 80 локации за мали хидроелектрани.

– Ова е голема заинтересираност за изградба на ваквите хидроелектрани затоа што и студијата што беше подготвена од Министерството покажуваше дека некои локации се поатрактивни. Владата пред да го отвори овој повик имаше неколку измени околу овластените тарифи и олеснување за инвеститорите се со цел локациите да бидат поатрактивни и да имаме повеќе заинтересирани, истакна Адеми.

За уделот на обновливите извори на енергија, министерот посочи дека во вкупната потрошувачка на енергија, тие учествуваат со 15 до 16 проценти.

– Што се однесува до водните ресурси тие учествуваат со 20 отсто во вкупното производство на електрична енергија. Новиот пакет на мали хидроелектрани со вкупна инасталирана моќ од 64 мегавати ќе значи зголемување на сегашниот хидро капацитет од 10 проценти, нагласи Адеми.

Концесијата, за користење на вода за производство на електрична енергија од 80 мали хидроелектрани на сливовите на реките Вардар, Треска, Брегалница, Струмица и Црн Дрим, се дава на 23 години, од кои три години изградба и 20 години концесија за искористување на вода.