Довербата на граѓаните во Груевски расте, во Заев опаѓа

Довербата на граѓаните во премиерот и лидер на ВМРО ДПМНЕ, Никола Груевски во изминатава година пораснала за пет процентни поени, дека на лидерот на најголемата опозициска партија, Зоран Заев се намалила за еден процентен поен, покажува истражувањето спроведено од Центарот за истражување и креирање политики.

Според истражувањето, во моментов премиерот Груевски ја ужива добербата на 42 отсто од испитаниците, од друга страна пак не му веруваат 27 отсто. Лидерот на СДСМ има доверба кај 14 отсто, а луѓето кои не му веруваат е 43 отсто и оваа бројка во однос на истражувањата спроведени лани е зголемена за девет процентни поени.

Во албанскиот блок поголема доверба граѓаните имаат во Али Ахмети, лидерот на Демократската унија за интеграција која е дел од Владата. Својата доверба му ја довериле 12 отсто додека на неговиот ривал Мендух Тачи од ДПА му веруваат девет отсто. Забележително е дека Ахмети и Тачи уживаат и голема недоверба – 48 отсто односно 50 отсто.

Од лидерите на помалите политички партии доверба од 23 отсто имаат Лиљана Поповска од ДОМ и Стевче Јакимовски од ГРОМ.

Направено е истражување на довербата на граѓаните во државните институции при што е забележана голема доверба во Армијата на Република Македонија (67 отсто), потоа во верските заедници (60 отсто), во Претседателот на државата (54 отсто), полицијата (49 отсто) и во Владата (47 отсто).

Истражувањето е спроведено телефонски во периодот од осми до 13-ти февруари на репрезентативен примерок од 1.584 испитаници.