Довербата во институцијата Претседател се зголемува

Преку отворените народни канцеларии, каде што граѓаните можат да се запознаат со институцијата Претседател, расте и довербата кај граѓаните, потенцираше претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ, Ѓорге Иванов на митингот во Неготино.

„Отворивме и народни канцеларии, да можат граѓаните да се запознаат со институцијата Претседател. Да доставуваат свои мислења, предлози, претставки. Затоа довербата на граѓаните во институцијата Претседател се зголемува. Затоа што сум бил и сум останал како еден од вас. Човек од народот – за народот“, рече Иванов.

Бев, рече тој, во многу светски метрополи.

„Посетив многу пријателски земји. Воспоставувавме нови пријателства. Отворавме нови пазари за нашите производи. Оставрувавме и средби со наши луѓе кои се успеале во светот и им кажувавме дека стоиме зад нив. Во секоја моја делегациј, ме придружуваа и претствници од бизнис секторот“, рече претседателскиот кандидат пред приврзаниците во Неготино.

Кога доаѓаа странските државници, како што потенцираше, беа организирани бизнис форуми, за да се запознаат со потенцијалите на македонското стопанство. Да помогнат, да се воспостави поголема трговска размена со нивните земји.

„Остваривме многу иницијативи и спроведовме многу конкретни мерки. Така се работи за Македонија. Со љубов и посветеност сме посветени на Македонија. Минатиот пат ви ја претставив мојата програма со која што сакам да го добијам вашиот глас на следните избори. Да ви кажам дека не само тоа што сум го сработел, со ист интензитет, и со многу, многу нови  проекти, ќе работам во следните пет години. Да работиме посветено, да работиме сложно. Во овие изминати години покажавме дека сите институции во државата можат да соработуваат. Можат да соработуваат за доброто на граѓаните. Покажавме дека секој пат сме со граѓаните. И јас, и премиерот, и министрите. Ги знаеме потребите на нашите граѓани, знаеме што ги тишти и ги знаеме проблемите со кои се соочуваат. И затоа на секое ваше барање нудиме решенија“, додаде Иванов.