Доживотен затвор за Македонецот за милионскиот грабеж на „ролекси“

Триесет и шестгодишниот македонски државјанин Ѓерѓи Ѓин и уште петмина членови на балканска криминална банда се осудени на доживотен затвор за ланскиот грабеж во кралството Бахреин на 1.4 милиони долари вредните „ролекс“ часовници.

Тие облечени во бурки и со количка за бебиња влегле во најголемиот трговски центар во главниот град Манама веднаш по затворањето во 22 часот. Го нападнале чуварот, подметнале лажна бомба, а потоа ладнокрвно носејќи ги часовниците си заминале. Целата акција ја снимиле безбедносните камери во трговскиот центар, но додека полицијата стигнала на местото, тие веќе ја напуштиле земјата.

Судот во оваа земја вчера ги прогласил за виновни сите шестмина обвинети за милионскиот грабеж – двајца Kосовци, двајца државјани на Албанија и по еден од Србија и од Македонија. На крадците им е досудена најстрогата затворска казна за кражбата на часовниците, за нападот на чуварот и за бегството со фалсификувани документи надвор од земјата. Kрадците с` уште не се фатени и по нив трага и Интерпол. Инаку според пресудата, само за кражбата на 80 „ролекс“ часовници тие се осудени на по 25 години затвор, но поради фактот дека се во бегство, дека сториле и низа други кривични дела во текот на грабежот, судот им досудил најстрога казна.

Во целиот грабеж им помагал и турски политички аналитичар и државјанин на САД, кои живееле во Бахреин. Двајцата биле уапсени лани во октомври, а кај нив бил пронајдени и дел од часовниците. Тие сега се во притвор. Со вчерашната пресуда осудени се на по 15 години затвор за помагање на крадците да ја напуштат земјата и да ги скријат украдените „ролекси“. По издржување на затворската казна тие ќе бидат протерани од Бахреин.

Според обвинението, државјанинот на САД тесно соработувал со групата крадци и тој ги внел во земјата. Подоцна ги скрил украдените часовници, а Турчинот ги скрил во хотелска соба.

Пред грабежот еден од крадците фалсификувал пасоши и други документи, па изнајмиле рентакар-возило за да го извршат грабежот. Инаку пресудата е донесена врз основа на вербални докази, но и на ДНK-доказите што истражните органи на Бахреин ги пронашле на местото на грабежот во Манама. Kако доказ биле гледани и видеоснимките, кои исто така се сметаат за еден од клучните докази дека токму оваа криминална банда го сторила грабежот. (А.М.)

По грабежот, полицијата врз основа на видеоснимките од безбедносните камери во трговскиот центар во Бахреин, ги идентификува осомничените. Потерници беа издадени по Алију Рахман (30) од Србија, Франи Петрит (32) и Дедај Астрит (23) од Албанија, Екрем Гаши (35) и Абази Гентијан (24) од Kосово и Ѓерѓи Ѓин (36) од Македонија. Само два часа по грабежот тие го напуштиле Бахреин. Земјaта отворено бара помош од државите од каде што потекнуваат крадците да ги пронајдат и да ги екстрадираат. Шефот на бахреинската јавна безбедност, генерал Тарик ал Хасан, вели дека во работат на екстрадиција на осомничените.

Лани еден од Kосовците бил уапсен, но не бил екстрадиран. Потерницата по македонскиот државјанин Ѓин е објавена и на Интерпол. Во македонското МВР велат дека во земјава нема издадено потерница по Ѓерѓи Ѓин, ниту судските органи го барале за некаков криминал во Македонија.