Доживотна казна затвор за убијците на Ана Политковскаја

Доживотна казна затвор за убијците на руската новинарка Ана Политковскаја. Затворски казни од 12 до 20 години добија другите тројца во процесот, што се одржа минатиот месец.

Судот го прогласи за виновен, првообвинетиот Рустам Мухамедов за кого обвинителството утврди дека тој пукал и ја убил Политковскаја. Неговиот чичко, Лом-Али Гајтукаев кој е прогласен за виновен како организатор на заговорот за убиство, исто така е осуден на доживотен затвор.

Меѓу тројцата, осудени во процесот, за помагање и учество во убиството, двајца се браќа на првообвинетиот Мухамедов. Политковскаја (48) беше убиена во 2006 година, во лифтот на станбената зграда каде живееше. Таа беше новинар-истражувач на весникот „Новаја Газета“ и важеше за најостриот критичар на војната што ја водеја руските власти во Чеченија.