ДПМ ќе го емитува гласот на „Балканскиот поетски Вавилон“

Второто издание на манифестацијата „Балкански поетски Вавилон“ ќе се одржи во среда, 31 мај, во 12 часот во Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ).

Во рамките на претставувањето на творештвото на истакнат поет од балканските литератури, на почетокот од манифестацијата ќе биде презентиран поетскиот портрет на словенечкиот писател и научник Милан Јазбец, актуелен амбасадор на Република Словенија во Република Македонија. За поетското творештво на Милан Јазбец ќе зборува поетот и литературен критичар Раде Силјан, претседател на Собранието на ДПМ.

Годинашниот „Балкански поетски Вавилон“ ќе се одржи со учество на 20 автори, членови на македонската писателска асоцијација и со презентирање стихови на истакнати поети од Балканот, добитници на наградата „Книжевно жезло“, признание за творечки опус што традиционално го доделува ДПМ. Стиховите ќе бидат читани на јазиците на кои создаваат авторите на Балканот и во Македонија: на македонски, албански, турски, српски, бугарски, грчки, словенечки, хрватски, црногорски, влашки, бошњачки и ромски јазик. Програмата ќе ја води Александра Велинова.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.