Драганчо го барал Филип за да го убие

Пробиштипско Злетово утрово го разбуди трикратно убиство. Професионалниот војник во АРМ, Драган Манаилов (40), им пресуди на соселанецот Методиј Димитров (51), на родителите на неговата поранешна сопруга, Илија (65) и Јана (63) Михаилови, а на крајот се обеси. Неговиот крвав поход можеше да биде и потрагичен. Во последен момент братот на поранешната сопруга ја спаси од смрт својата сестра, а веројатно и сопствениот живот, пишува Утрински весник.

Злосторствата во рударско село, кое брои 3.000 жители, започнале околу 6 часот изутрината. Манаилов, кој ноќта кон вторникот ја минал на стража во кумановската касарна, ги прекинал работните обврски и дошол да расчистува сметки во родното село.

„Побегнал од стража и искористил шанса да го земе со себе службеното оружје: полуавтоматска пушка. Седнал во својот автомобил ’опел астра’ и дошол овде“, зборуваат селаните.

Незапаметеното злосторство ги возбуди духовите во Злетово. Сите се надвор на улица, редовните обврски запреа, единствено се зборува за убиството.

Според полицијата, се’ започнало во 6,40 часот изутрината, кога локален жител пријавил во полициската станица во Пробиштип дека слушнал неколку истрели во куќа на 51-годишно лице од Злетово. Кратко потоа пристигнала и втора пријава од жена од Злетово, која рекла дека слушнала пукотници во куќата на нејзините родители. Манаилов се упатил кон куќата на Димитрови во горниот дел од селото. Испукал неколку куршуми во воздух.

„Го бараше Филип, момче на 25-26 години, мирно дете“, тврдат соседите.

Според Драганчо, Филип бил главната причина што пропаднал неговиот брак со долгогодишната љубов Радмила. Наводно, бил убеден дека тие двајцата се во љубовна врска. Во Злетово не веруваат дека меѓу Филип и Радмила имало љубовна афера. Кога ги чуло пукотниците, момчето се скрило на горниот кат од куќата. Мајка му излегла надвор да види што се случува. Манаилов, како што се зборува, ја удрил со кундакот по глава и пукал во влезната врата. Потоа го застрелал Методиј Димитров – чичко на момчето.

Повеќе информации во Утрински весник

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.