Драшковиќ: Земунскиот клан во Србија повторно е активен

Лидерот на Српското движење за обнова, Вук Драшковиќ изјави дека земунскиот клан повторно е активен во Србија и предупреди на можност Милорад Улемек, осуден за убиство на поранешниот премиер Зоран Ѓинѓиќ, да побегне од затвор.

Во интервју за Блиц тој вели дека според информации со кои располага, заштитениот сведок Љубиша Буха бил во право кога во медиуми неодамна рекол дека земунскиот клан повторно е активен во Србија.

„Нешто опасно и крупно се случило во крајот на декември 2013 година и почетокот на јануари оваа година, кога Милорад Улемек сериски убиец кој е осуден на четири пати по 40 години затвор, со целосна доверба од државата е прогласен за клучен сведок во откривањето на убиецот на новинарот Славко Чурувија“, изјави Драшковиќ.

Од тогаш, како што предупредува, „се упатува на заклучок дека повторно некој во државата склучува пакт со ѓаволот како и пред 5 октомври 2000 година“.

Драшковиќ вели дека дополнителен факт за тревога е и фактот што Буха-Чуме, клучен сведок кој ги разоткри злосторствата на Улемек и неговиот клан, му е одземено полициското обезбедување. Лидерот на СДО предупредува дека се подготвува терен за преместување на Улемек во дел од затворот во Пожаревац од кој ќе му биде лесно да побегне. 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.