Дрецун: Формирањето косовска војска би создало неспокој кај Србите

Во случај формирање на Вооружени сили на Косово, косовските Срби би можеле да формираат своја војска, изјавил поранешниот претседател на Одборот на српскиото Собрание за Косово и Метохија, Милован Дрецун.

„Ако некому треба војска, која очигледно ќе биде еднонационална, тогаш сите останати заедници имаат право да се грижат за сопствената безбедност. Србите би можеле да создадат своја војска, Ромите своја и каде сето тоа ќе не однесе?“, кажал Дрецун за „Радио Телевизија Србија“.

Дрецун оценил дека Законот за трансормација на безбедносните сили на Косово во Вооружени сили на Косово, за што ќе расправа косовскиот парламент, е дискриминаторски кој на Србите им ја наметнува волјата на албанската страна.

Тој додал дека е потребно да се создадат услови Србите и останатата неалбанска заедница да се чувствуваат сигурно на Косово и Метохија и дека формирањето на вооружени сили би создало неспокој кај српскиот народ.
„Тие вооружени сили би биле наследници на терористичката ОВК, која е претворена во Косовски заштитен корпус, кој потоа е преименуван во некакви Косовски безбедносни сили, и сега се создава некоја војска која е непотребна и ја дестабилизира ситуацијата, наместо да стабилизира“, рекол Дрецун.