Дрогата за „супер војници“ се произведувала во Македонија

Над 300 килограми синтетичка дрога позната како „каптагон“ е запленета при минатонеделната акција на српската и македонска полиција кои открија лабораторија во Тетово. Токму оваа дрога најчесто ја користат војниците на Исламската држава, пишува Радио телевизија Србија.

Хемиска храброст, џихад дрога, „каптагон“ – сето тоа се жаргонски имиња за синтетичката дрога чии создавачи постојано го менуваат хемискиот состав, а се произведувала и во тетовската лабораторија која според македонското МВР информираше дека е најголема во југоисточна Европа.

Доктор Милан Зарубица, кој при акцијата е уапсен во Македонија, бил најдобар во изработка на оваа дрога, затоа и е најбаран во круговите на шверцерите и препродавачите на „каптагон“.
„Оваа акција е од светски размери затоа што спречивме доктор Зарубица да создаде повеќе вакви лаборатории, формира мрежа на лаборатории како овде, така и во Турција и Блискиот исток. ’Каптагон’ односно синтетичката дрога е присутна во светот како и кај нас“, вели Дејан Миленковиќ, началник во српското МВР.

“Каптагон“ не е нова дрога. Уште во 60-тите години се користела како лек за нарколепсија. Денес се поврзува со тероризамот. Медиумите пренесуваат дека е пронајден кај одговорните за нападите во Париз и Тунис.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.