Друловиќ: Македонија има талент и искуство, но најважно е да бидеме силни како тим

Српскиот стратег Љубинко Друловиќ и официјално е промовиран во нов селектор на македонската фудбалска репрезентација.

“Чест и задоволство е што сум избран за селектор на Македонија. Ќе сторам се за да ја оправдам довербата на раководството на Фудбалската федерација на Македонија и на македонската јавност”
, беа првите зборови на Друловиќ како селектор на нашата репрезентација.

Последен пат Друловиќ во Македонија бил далечната 1999-та година, како репрезентативец на СР Југославија, кога на Градскиот стадион во Скопје постигна гол за победа од 4:2.

Сега, 16 години подоцна Друловиќ се надева дека повторно ќе се радува, но овој пат на успесите на Македонија.

Тој вели дека е запознаен со квалитетите и можностите на нашите репрезентативци. Овие квалификации се загубени, но до крајот на квалификацискиот циклус ќе се обиде да внесе свежина и да го врати оптимизмот кај нашите репрезентативци.

“Како фудбалски човек мора да сум добро информиран. Запознаен сум со квалитетот на македонските репрезентативци. Македонија има талент и искуство, но најважно е да бидеме вистински тим, односно да бидеме тимски силни. Македонија може и мора подобро”, вели Друловиќ.

Претседателот на ФФМ Илчо Ѓорѓиоски вели дека назначувањето на нов селектор беше вистински предизвик, бидејќи оствариле контакт со голем број на кандидати.

“По дефинираните критериуми, пред се програмата, визијата, познавањето на македонската национална селекција, на остварените резултати, добиените препораки, како и желбата и амбицијата да се биде селектор на нашата репрезентација, беа контактирани повеќе стручњаци. Изборот падна на Љубинко Друловиќ, најдобриот тренер во Србија за 2013-та година, европски шампион со репрезентацијата на Србија до 19 години, фудбалски стручњак од кого добивме уверување дека целосно и беспрекорно ќе се вложи себе си, се со цел да има напредок и развој на македонската репрезентација. Ние веруваме дека со својата посветеност, професионалност и стручност, нашиот селектор ќе ги подигне стандардите на работа и ќе донесе позитивни резултати. Како Фудбалска федерација ние сме тука да обезбедиме идеални услови за работа, да бидеме добар сервис на националниот тим, се со цел новиот селектор максимално да се посвети на својата работа”
, изјави Ѓорѓиоски.

Според она што беше соопштено, на барање на новиот селектор на Македонија, негови асистенти ќе бидат Португалецот Луис Диого Кампoс, потоа тим-менаџерот на Работнички Игор Ангеловски и Арџент Беќири.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.