Магазин

Друштвото на писатели ќе одбележи 80 години од раѓањето на Петре М. Андреевски

Друштвото на писатели ќе одбележи 80 години од раѓањето на Петре М. Андреевски

Друштвото на писателите на Македонија со свечен собир, утре во 12 часот, ќе ја одбележи 80-годишнината од раѓањето на големиот македонски писател Петре М. Андреевски. За творештвото на Петре М. Андреевски ќе зборува поетот, литературен критичар и есеист Раде Силјан, претседател на Собранието на ДПМ, а стихови од култната стихозбирка „Дениција“ ќе кажуваат артистот Борче Начев и Александра Велинова.

Петре М. Андреевски (1934 – 2006) е претставник на третата генерација современи македонски писатели. Како поет, раскажувач, романсиер и драмски писател создаде значаен опус, бележејќи еден од магистралните текови во развојните процеси на македонската литература. Неговите стихозбирки „Дениција“, „Пофалби и поплаки“ и „Вечна куќа“, збирките раскази „Седмиот ден“ и „Неверни години“, и романите „Пиреј“, „Скакулци“ и „Последните селани“ се одликуваат со високи естетски стојности.

Петре М. Андреевски беше член на Друштвото на писателите на Македонија од 1964 година. Во еден мандат беше претседател на ДПМ.