петок, 16 декември 2016  |  Вести денес: 12

АНАЛИЗА: Пет факти за новиот државен секретар на Доналд Трамп и неговите врски со Русија

За изборот на Доналд Трамп, Рекс Тилерсон, се смета дека е човек со длабоки врски со Москва, нешто од што многумина во САД стравуваат

Рекс Тилерсон

Поврзани вести

Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп, го посочи првиот човек на нафтената компанија „ЕксонМобајл“ (ExxonMobile), Рекс Тилерсон, како свој избраник за позицијата државен секретар.

За него се смета дека е човек со длабоки врски со Москва, нешто од што многумина во САД стравуваат. Ова се пет факти за односите на американскиот бизнисмен со Руската федерација, пишува РИА „Новости“, пренесува Нетпрес.

Бизнисмен

„ЕксонМобајл“, чие седиште е во Тексас, е најголемата приватна нафтена компанија во светот и една од најипмресивните корпорации во однос на нејзиниот размер на капитализација. Во Русија, оваа компанија, учествува во проектот „Сахалин-1“ со 30 отсто, и е партнер со „Росњефт“ и индиската ОНГЦ, кои партиципираат со по 20 отсто, а останатите 30 отсто се удел на јапонската Содеко. „Сахалин-1“ се занимава со разработување на наоѓалиштата „Чаиво“, „Одопту“ и „Аркутун-Даги“.

Рекс Тилерсон е прв човек на „ЕксонМобајл“ веќе 14 години, и за овој период ја посетувал Русија безброј пати.

Познаник со Владимир Путин

Тилерсон имал многу средби со првиот човек на Русија, Владимир Путин. Во 2003 година тој учествува на средба со Путин на која присуствувале и раководители на руски и на странски енергетски компании и лауреати на премијата „Глобална енергија“. Форумот се одржа во Санкт Петерсбург.

Во септември 2005 година Путин и Тилерсон се сретнале во Вашингтон, каде руският претседател имаше работна посета. Во 2012 година, пак, лидерот на Кремљ присуствува на отворањето на комплекс за товарење на нафтени производи во Тексас, каде во негово присуство Тилерсон и раководителот на „Росњефт“, Игор Сечин, подпишаа спогодба за взаемна соработка на тешко достапни резерви во западен Сибир.

Идниот државен секретар на САД многупати бил присутен и на Петерсбургскиот меѓународен економски форум, вклучително и годинава.

Носител на руски орден

Рекс Тилерсон е одликуван со рускиот орден „Дружба“. Владимир Путин лично му го врачи орденот на гордиот носител на средба со раководители на енергетски компании, која се одржа во јуни 2013 година во рамки на Меѓународниот економски форум во Санкт Петерсбург.

Рекс Тилерсон

Орденот „Дружба“ во Русија е воведен во март 1994 година, и освен за пријателски односи, со него се одликуваат и лица кои придонеле за развојот на економскиот и научен потенцијал на Русија, за особено плодотворна дејност, а исто така и за взаемно збогатување на културата на нациите, за зацврстување на мирот и за добронамерни односи меѓу државите.

Тилерсон е одликуван поради „значителен придонес во зацврстување на соработката во енергетскиот сектор“.

Односот кон Русија

Во моменти на цврста позиција на Вашингтон за санкциите кон Русија, воведени во врска со украинската криза, учеството на Тилерсон на овогодишниот економски форум во Санкт Петерсбург, многумина го оценија како особено важно случување.

Американските експерти сметаат дека „ЕксонМобајл“ е веројатно најпогодената компанија од западните санкции против Москва – концернот беше принуден да ја преструктуира својата работа во девет проекти во рамките на спогодбата за стратешко партнерство со „Росњефт“. Во една прилика пред новинари Тилерсон изјави дека со нетрпение го чека моментот кога ќе може да се врати со работа во Русија.

Бизнисот пред се’

Келијан Конвеј, советник на новоизбраниот американски претседател Доналд Трамп, е со став дека односите на Тилерсон со Путин се базираат единствено на бизнис интереси – тие двајца „не делат шишиња водка“ во локалните барови.

Тоа индиректно се потврдува од случајот на „ЕксонМобајл“ за надомест на данокот на проектот „Сахалин-1“, што компанијата го претстави на арбитража во Стокхолм, минатата пролет.

Американската компанија се обидува да постигне намалување на данокот на доход од 35 на 20 отсто, и со тоа да ги поврати надплатените суми во последниве седум години, кои изнесуваат околу 500 милиони американски долари. Се очекува сослушувањата за даночниот спор да почнат во пролетта 2017 година, и покрај тоа што руската страна настојува несогласувањата да ги реши со вонсудска спогодба.

Најчитани вести