Државните службеници, ангажирани за изборите, не добиле ниту денар од ДИК!

Огромен број на државни службеници, кои беа ангажирани за локалните избори, годинава, како членови и претседатели на избирачки одбори, сеуште не добиле ниту денар од Државната изборна комисија.

Дел од нив, во разговор за НетПрес, велат дека се многу револтирани бидејќи челниците на ДИК си поделиле огромни суми пари за себе, а тврдат дека ним досега не им е исплатен ниту еден денар.

„Сумите се движат од 3.000 денари за еден изборен круг, за ангажман на државен службеник на избирачко место. Кога ќе не’ известат дека сме избрани да бидеме ангажирани за потребите на изборите, прво што ни кажуваат е дека законски сме обврзани да го исполниме ангажманот. Едноставно нема неможам или ен сакам. За тоа ангажирање мора да ни одржат обука неколку денови пред избори, а за нас гласањето почнува во сабота. Ангажирани сме цела сабота и цела недела. Но, не завршуваат за нас изборите во 19 часот, туку во три часот по полноќ. И на крајот не добивме ниту денар, иако од изборите минаа речиси два месеци, а тие си поделиле меѓу себе илјадници евра“, револтирани раскажуваат дел од државни службеници, кои биле ангажирани за локалните избори.

По неколку инсистирања редакцијата на НетПрес не успеа да стапи во контакт со генералниот секретар на Државната изборна комисија, Добре Јанчев. Прашањата кои имавме намера да го поставиме се однесуваа на висината на споменатите девет бонуси, како и поплаките кои уследија по вчершните вести за доцнењето на исплатата за ангажманот на државната администрација во изборниот циклус од последните локални избори.

Во меѓувреме од ДИК одражаа вонредна седница, а во комисијата се подготвуваат документите за да се повлече одлуката за бонусите што си ги доделиле членовите.

Ваквата најава дојде откако ден претходно американскиот амбасадор во Македонија обелодени дека членовите на ДИК си доделиле четири просечни плати за сработеното по завршувањето на локалните избори и дополнителни пет плати за декемвриските парламентарни избори.

Подоцна од ДИК реагира дека претседателот и членовите на изборните органи и изборната администрација имаат право на надоместок согласно член 19 од Изборниот законик што се утврдува со акт што го донесува ДИК. Ова право е утврдено за вработените во Државна изборна комисија од 2006 година, а за членовите на Државната изборна комисија од 2014 година, е дел од реакцијата на ДИК на изнесениот став на амбасадорот на САД, Џес Бејли дека во Комисијата си поделиле бонуси за изборите.

„Претседателот и членовите на изборните органи, функцијата ја вршат непристрасно, совесно и одговорно, согласно надлежностите утврдени со Изборниот законик и другите позитивни прописи. Правилникот за утврдување на критериумите за исплата на надоместокот на изборните органи е донесен по распишување на изборите во согласност со определениот буџет одобрен од страна на Собрание на Република Македонија и истиот е објавен на страната на Државната изборна комисија“, се вели во реакцијата од Државната изборна комисија.

Според претседателот на Комисијата, Александар Чичаковски, не постојат правни можности одлуката да биде отповикана, затоа, додаде средствата ќе ги донира во организации и здруженија на граѓани кои работат на проблематиката со изборите.

Притоа упати забелешка за службите затоа што одлуката наводно по нивна вина била скриена од јавноста.

„Ги прифаќам критиките по однос на транспарентноста. Сметам дека транспарентноста треба да ја зголемиме, меѓутоа останаа дел од забелешките изнесени во јавноста на кои мора да поработиме. Има и од моја страна пропусти и на страна на членовите и на страна на службата која е должна да ги објавува одлуките за да и бидат достапени на јавноста“, рече Чичаковски.

Притоа, во обидот да го оправдаат своето решение велат дека ДИК од распишување до завршување на изборите е во постојано континуирано заседание, без оглед на неработни денови и празници и оти „работниот ден најчесто трае повеќе од 20 часа“?!

Во ДИК „револтирани“ затоа што за 18 месеци земале 30 плати

Членовите на Државната изборна комисија за 18 месеци земале 30 плати. Од јуни минатата година до крајот на оваа, се почестиле со 12 плати бонус за работата која ја извршувале. Три плати како надоместок земале за изборите во април 2016 година кои не се одржаа, пет бонуси за предвремените парламентарни избори и четири плати бонус за локалните избори. Овие последните, под притисок на јавноста денеска решија или да ги вратат во Буџетот или да ги донираат.

Меѓутоа, како тоа ќе се остварува се’ уште не е јасно, бидејќи станува збор за буџетски средства. Според прописите, не постои правна можност за повлекување на одлуката за надоместоците кои членовите на ДИК си ги изгласале по локалните избори. Секој од нив сам ќе одлучува дали ќе ги врати парите во државниот Буџет или, пак, ќе ги донира.

Членовите на ДИК се револтирани од критиките на јавноста, зашто, како што тие велат, не работеле само на денот на изборите,туку два месеца пред одржувањето и два месеца по завршувањето на гласањето, а често морале да седат на седниците до полноќ. Одлуката колкава сума ќе добијат била донесена согласно правилник кој предвидувал за секој вработен во Комисијата и ангажираните во помошните тела да се провери колку бил стручен, колку време бил ангажиран на задачата и колку била сложена обврската.

Чичаковски изјави од дека деветте членови тој имал најниска плата од „само“ 64 илјади денари месечно, по локалните избори добил надометок од 256.000 денари, додека другите членови, во зависност од стажот, и по неколку илјади повеќе. Грубата пресметка со вкалкулираните надоместоци покажува дека на личните сметки за 18 месеци членовите на ДИК добиле 30 плати. Претседателот на ДИК потврди дека по изборите во декември земале по пет просечни плати (320.000), но надоместок од три плати си одредиле да добијат за изборите кои беа закажани на 24-ти април минатата година, а коишто не се одржаа.

За сработеното на изборите надоместок треба да добијат околу 30.000 луѓе кои биле вклучени во процесот преку сите Општински изборни комисии. За нив членовите на ДИК утврдиле дека им се доволно по 1.500 евра оти меѓу членовите на ОИК имало и администивци кои не земале ниту просечна плата. Инаку, според правилникот од изборите од 2014 година, членовите на општинските изборни комисии, во зависност од функцијата во комисијата и од тоа колку избирачки одбори имаат во својата надлежност, би требало да примаат надоместок од најниската ставка од 15.000 денари за член на општинска изборна комисија до 55.000 денари за претседателот на општинска изборна комисија која во своја надлежност имаат над 101 избирачки одбори.

Најниско платени во изборен процес, пак, се оние државни службеници именувани во избирачките одбори кои се најчесто непартиски личности а кои ангжманот не смеат да го одбијат, и чиј надоместок изнесува од 1.700 денари за заменик член до 3.000 денари за претседател на избирачкиот одбор. А токму од редот на овие учесници на изборниот процес на последните локални избори, со најниски примања во државната администрација, пристигнуваат и најмногу поплаки дека на нивните сметки се’ уште не се легнати надоместоците.

Не е неаконски, туку било неетички

Велат, исто така, дека одлуките за надоместок на изборната администрација се носени врз основа на одговорноста, сложеноста и обемот на работните задачи и врз основа на извештаите за работа на избората администрација. Одлуките за надоместок се донесени согласно Закон и врз основа на позитивните законски прописи, меѓутоа поради повикот на јавноста, реагираа од ДИК.

Меѓутоа, загрижува тоа што ДИК ваквата одлука ја донесе крајно нетранспарентно, зад затворени врати, иако за тоа треба да го извести Собранието, бидејќи ДИК се финансира од Буџетот и од таму должни се да поднесат завршна сметка и друга финансиска документација.

А покрај дополнителните девет плати коишто си ги изгласале зад затворнеи врати, од ДИК неколку месеци наназад ги кријат и податоците за сумите исплатени за патни трошоци или за телефонските трошоци.

Наспроти тоа, покрај големите плати коишто ги имаат членовите на ДИК, засилени и со споменатите бонуси, големо мнозинство од државните службеници кои беа ангажирани во изборниот процес се’ уште не ги добиле надоместоците. Станува збор за исплата на по неколку илјади денари, коишто се неспоредливи со приходите коишто ги земаат политички диригираните функционери во ДИК.

Членовите на Државната изборна комисија решија бонусите што си ги доделија да ги донираат. За нив одлуката за надоместок за изборите за нив и за стручната служба и други ангажирани лица е законска и е според член 19 од Изборниот законик и Правилникот на Комисијата. Тие истакнаа дека од распишувањето на изборите до нивното завршување за нив „нема работно време, ниту празници, ниту викенди“, како тоа да не важи и за сите други професии кои на кој и да е начин се поврзани со изборите.

Од ДИК тврдат дека законот е на нивна страна. Членот 19 став 1 и 2 од изборниот законик им го гарантираат правото на надомост. Иако имало обид и на кратко важело правилото да се исплаќа надоместок само за ангажираните кои не се вработени во Комисијата, сепак, и тоа било променето. Па така надоместоци на членовите на ДИК им биле исплатени и во 2014 за парламентарните и претседателски избори.

Дел од членовите не гледаат ниту етички уште помалку законски проблем во одлуката сами да одлучат колку пари ќе добијат. Користејќи ја флоскулата на поранешниот американски претседател Барак Обама кога ткн Панамски документи покажаа дека многумина од неговите политички сојузници и донатори ги користеле услугите на „даночните раеви“, велејќи дека таквите активности не се незаконски, ами се неетички.

Што порача Бејли

Се чини, исто така, дека амбасадорот Бејли упати прекор кон целото македонско општество, коешто, како што се покажува од случајот на ДИК, функционира исклучива по партиски принцип. Па бидејќи во Комисијата се претставени сите главни политички субјекти, немаше и реакција на нивната одлука да си се наградат, откако спроведувњето на изборите и покрај протестите на опозицијата, меѓународните набљудувачи ги оценија за регуларни со  мали недостатоци.

„Гласањето во комисијата било едногласно, сите партии и сите етникуми, а персоналот во комисијата добил помали бонуси. Но, имам прашања во врска со ова, ДИК е независно тело, можеби овој потег бил дури и легален. Но, гласањето се случило зад затворени врати. Што кажува ова за вредностите на самата организација. Каде беа свиркачите, истражувачките новинари или парламентарните тела за надзор?“- рече имено Бејли.

Се чини американскиот дипломат, и куден и пофалуван за неговите интервенции на македонската политичка сцена, со ова обелоденување подлабока порака до јавноста. Имено таа би можела да прочита како насочување на граѓаните од политички репрезенти, за кој и да се решиле, да бараат поголема транспарентност и етичност, а не водење по народната „сложни калуѓери и в петок мрсат“, односно создавање политички елити.